Општина Штип за првпат одвои средства од буџетот и подготвува правилник за наградување на ученици од општината за особени достигнувања на државни и меѓународни натревари.
Одлуката денеска едногласно ја донесоа советниците на Општина Штип со што на учениците кои ќе освојат награда на државни или меѓународни натпревари ќе може да им се додели стипендија од 12 месеци или еднократни парични награди. За оваа намена, од буџетот на општината одвоени се 300.000 денари.
Советничката Лидија Горачинова-Илиева образложи дека со ова за првпат се воведува систем на наградување, со кој ќе се стимулира понатамошниот успех на учениците, кои своето знаење го потврдуваат на натпреварувања во државата и надвор од неа.
Според советникот Атанас Крстовски, во Правилникот треба да бидат опфатени и менторите на учениците.
Правилникот е во подготовка со цел да има транспаретност во постапката, а висината на паричните награди ќе ги одредува Советот на Општина Штип, согласно утврдени критериуми.