Пред две недели вршевме анализа на терен со серолошка анализа, која ни покажува каков е вкупниот имунитет на нашето општество, и од целокупната бројка околу 80 отсто беа анализирани лица со вакцинација и 20 отсто беа невакцинирани. Кај вакцинираните забележуваме бројка од 86 отсто која е имунизирана без разлика кога е примена последната вакцина, а кај невакцинираните забележуваме бројка од 76 отсто имунизираност, што значи дека и вакцинираните и природно прележаните имаат некаков тип имунизација кон коронавирусот. Комплекс на причини се во прашање зошто имаме голема смртност од Ковид-19 – кампањите што се водат против целата пандемија и негативниот пристап кон раното лекување, односно преземање превентивни мерки, начинот како се бројат смртни исходи коишто биле и како резултат на Ковид и како резултат на смртен исход со Ковид, изјави во интервју за МИА министерот за здравство Беким Сали.

Тој смета дека треба да се продолжи вакцинацијата за, како што вели, побрзо да постигнеме ниво што за нас би значело безбедно живеење, односно ослободување од сите мерки за да продолжиме нормален живот како што сите ние уште од почетокот на пандемијата посакуваме.

– Меѓутоа, морам да напоменам дека тие 20 отсто, односно 30 отсто кај невакцинирани се многу значајни за општеството, затоа што секој поединец е многу битен. Ако статистиките бројат бројки за секое семејство, секој поединец е 100 отсто значаен, така што не можеме да кажеме дека 76 отсто се сосема доволен број за ние да се ослободиме, па да ризикуваме живот на останатите 24 отсто, рече Сали.

Министерот е дециден дека сè додека не сме доволно имунизирани, не може да се зборува за целосно ослободување на мерките за заштита на нашето општество.

Во однос на изградбата на нов клинички центар, министерот Сали нагласи дека државата има потреба од нов клинички којшто ќе ги пружа сите здравствени услуги на едно место – терцијарно ниво и пандемијата ни покажа дека интегрираните болници се поефикасни за справување со вакви предизвици. Смета дека за клиничкиот центар треба еден поширок политички компромис и за локацијата и за моделот на финансирање и за составот на клиничкиот центар.

– Ја презедов таа иницијатива веќе да разговарам и со опозицијата и со позицијата знаејќи дека сме од собраниското мнозинство со позицијата ми е малку полесно да поразговараме затоа што веќе иницијативата и од минатиот период постоела. Меѓутоа, тука се трудам да бидам таа алка што ги врзува двата табора, двата блока за еден проект којшто е натполитички и којшто е од национален интерес. Новиот клинички центар треба да се гледа како една надеж за сите што живеат во оваа држава дека се трудиме да направиме подобри услови за живеење. Не дека постоечкиот Клинички центар не е добар и не пружа квалитетна услуга во склоп на секојдневното работење, меѓутоа свесни сме дека постоечкиот Клинички центар е многу стар, амортизиран од секој аспект и не ги задоволува реалните просторни потреби на сите вработени што се во Клиничкиот центар, рече тој.

Во однос на руско-украинската криза, нагласи дека засега нема наплив на мигранти од Украина во нашата држава и тие кои се во помал број, се згрижени. Тој изјави дека досега немаат ни најава за пристигнување на некој одреден број мигранти, меѓутоа, како што вели, како Министерство се организирани и подготвени за пречекување.

– Досега не сме имале некоја посебна потреба од итна здравствена услуга, освен раѓањето на едно девојче во Гинеколошката болница во Чаир. Тоа е единствената услуга засега што сме ја пружиле на мигрант. Досега немаме ни најава за доаѓање, за пристигнување на некој одреден број мигранти. Меѓутоа, сепак ние како Министерство сме организирани и подготвени за пречекување. Неколку болници сме ги назначиле како „црвени зони“, односно точки каде што би можеле да пристапуваат евентуално новодојдените мигранти и сметам дека сме доволно подготвени за пречек, рече тој.

Сали потсети дека Министерството почна кампања со јавно повикување преку СМС-пораки и преку матичните лекари до пациенти кои се таргет-група којашто е најризична група за развивање потешки форми на ковид-компликации, односно хоспитализации – граѓани над 65-годишна возраст и со хронична болест.

– Кај секое непојавување ние повторно ги потсетуваме дека не биле, а терминот им се презакажува за следен термин и засега забележуваме позитивен интерес од граѓаните, има отповикување и очекуваме бројката на нововакцинирани да се зголемува. Во текот на минатата недела таа бројка се зголеми за две илјади нови вакцинирани, што ние прогресивно се надеваме дека во период од еден месец ќе постигнеме некоја подобра состојба со вакцинираност, односно имунизираност отколку како што бевме, рече тој.

Во продолжение следува целото интервју со министерот за здравство Беким Сали заедно со видеоматеријалот:

Според бројките што ни се достапни, очигледно ковид-пандемијата стивнува. Во извештаите на Институтот за јавно здравје се бележи намалување на бројките на заразени, хоспитализирани и починати. На што се должи овој тренд, според вашите оценки, и какви прогнози имате за претстојниот период? – Според досегашните искуства што ги имаме со четирите бранови на ковид-пандемијата, забележуваме дека секој бран трае просечно до осум недели и овој четврти бран веќе е во стивнување, така што последниве денови има намалување на бројот и на новозаразени. Ние како Министерство заедно со Институтот за јавно здравје и Комисијата за заразни болести ги следиме секојдневно податоците и епидемиолошката состојба којашто доаѓа како резултат на нашите анализи во нашата земја, а исто така го следиме и тоа што се случува во регионот, па нормално имаме и репер држави во светот и во последниов период забележуваме неколку држави коишто ослободија веќе мерки, немаат никаква преземена мерка за заштита од корона-кризата и кај тие држави забележуваме еден бумеранг – враќање на претходна состојба на четвртиот бран. На пример, во Германија на дневна база веќе имаме околу 200 илјади новоинфицирани лица, во Данска забележуваме бројки од 40-тина смртни исходи во хоспитални услови, а Хонг Конг во текот на минатата недела го имаше најголемиот број на смртен исход во тек на ден во период од цела пандемија од две години. Така што, имајќи ги предвид сите овие податоци што ги имаме од нашите релевантни неколку репер држави и регионот ние сè уште не сме подготвени да преземеме некои мерки коишто ќе бидат олеснителни за нашиот народ. Минатата недела беа усвоени неколку препораки од Главниот координативен кризен штаб и Владата за олабавување на ковид-мерките – укинување на сертификатите задолжителни за влез во моловите, онаму каде што не е задолжително носење маски, укинување на задолжителното поседување негативен ПЦР-тест, потврда за прележаност или сертификат за вакцинација при излез од нашата држава, како и укинување на ослободувањето од работа за бремените жени. Додека, пак, викендов изјавивте дека сè уште не сме подготвени за целосно укинување на ковид-мерките. Министре, ќе можете да ни објасните на што се должи оваа ваша констатација, бидејќи некои европски земји, но и држави во регионот пристапија кон драстично олабавување на мерките, Белгија неодамна ги укина речиси сите епидемиолошки мерки, меѓу кои задолжителното носење маска и КОВИД-пропусниците, на пример, маски повеќе не се потребни за децата во училиштата, истото го стори и Словенија? – Сега според тоа што го слушам од вас медиумите, од една страна, имаме ослободување на некои мерки, како што е враќање на работа на трудници, ослободување од барање сертификат при влез во молови и некои други точки, а од друга страна, ние велиме дека не сме попдготвени да ослободиме повеќе мерки што во суштина е вистина и не се контрадикторни двете барања, затоа што ние при секоја наша изјава ги повикуваме сите наши граѓани да се вакцинираат и да се имунизираат. Што значи, паралелно како што туркаме политики за зголемување на број на имунизираност, така истовремено и ние ослободуваме дел од мерките коишто се преземени веќе две години. Според досегашните наши анализи веќе знаете дека ние сме една од државите којашто има најмалку имунизираност и многу сме претпазливи при секоја мерка којашто ја ослободуваме. Значи, ослободуваме една мерка, ја следиме состојбата една недела и во тек на неделата следиме како се движат промените евентуално кај посебни возрасни групи. Значи, ослободувањето на влез при молови знаеме дека тука таргет ни се помлади лица, а ние за помладите лица веќе направивме една анализа во училиштата и серолошката анализа што ја правевме во неколку градови, така што врз основа на тие податоци што ги добивме од терен ние веќе можеме да ослободиме влегување во молови без сертификат, меѓутоа да напоменам дека маската во молови е задолжителна и сертификат треба да се има кога нашите граѓани ќе седнат во делот за исхрана. Особено за децата во училиштата, според последните податоци на ИЈЗ, најголемо намалување на заболени, од 46,9 отсто има токму кај децата до девет години, а и Комисијата за заразни болести неодамна објави податоци од направениот скрининг во основните училишта, кои покажуваат дека околу 1 процент од учениците биле позитивни на коронавирусот. Дали ова ќе биде основа за отстранување на носењето маски за учениците во училиштата? – Децата на возраст од 6 до 14 години знаеме дека се најдинамичниот дел на општеството и училиштата се како заштитна зона за евентуално ширење, односно училиштата како заштитна зона штитат од ширење на вирусот. Носењето на маската е дополнителна помошна мерка којашто во оваа возрасна група ни обезбедува тие потенцијално да не бидат фокус за ширење, односно да не креираат кластери за ширење на инфекцијата. Да повторам уште еднаш, ние сè додека не сме доволно имунизирани не можеме да зборуваме за целосно ослободување на мерките за заштита на нашето општество. Секој поединец е многу битен без разлика на вкупните бројки коишто ги добиваме како резултат на анализи од претходната недела и секој потенцијален ризик којшто постои за општеството, а знаејќи ги резултатите од четвртиот бран дека најзагрозена група беа пациенти, односно наши граѓани над 65-годишна возраст и коишто имаат хронични болести. Знаејќи дека децата се емотивно врзани со баби и дедовци, не би дозволиле тие да бидат фокус на пренесување, односно медијатор за пренесување на инфекција кај постарите лица. Министерството за здравство деновиве излезе со податок дека над 1.500 лица за два дена се вакцинирани со прва и трета доза во рамките на широката кампања за имунизација за заштита на ризичното население од тешка форма на Ковид-19. Сепак, нивото на вакцинирани не е високо, околу 41 процент. Како планирате да ги мотивирате граѓаните кои одбиваат да се вакцинираат и каква е таа широка кампања што ја водите? – Ние пристапивме кон оваа кампања за мобилност, мобилно движење на пунктови, односно приближување на пунктови до населението. Една од првите мерки во таа кампања од неколку точки беше јавно повикување преку СМС-пораки и преку матичните лекари до пациенти што се наша таргет-група којашто е најризична група за развивање потешки форми на ковид-компликации, односно хоспитализации. Тоа се пациенти, наши граѓани над 65-годишна возраст и со хронична болест, а секако и помладите со хронична болест не се исклучени. Ние ги повикуваме секој ден со 15 илјади СМС-пораки на одредено место, односно вакцинален пункт и на одредено време кога би требало да се појават. Кај секое непојавување ние повторно ги потсетуваме дека не биле, а терминот им се презакажува за следен термин и засега забележуваме позитивен интерес од граѓаните, има отповикување и очекуваме бројката на нововакцинирани да се зголемува. Во текот на минатата недела таа бројка се зголеми за две илјади нови вакцинирани, што ние прогресивно се надеваме дека во период од еден месец ќе постигнеме некоја подобра состојба со вакцинираност, односно имунизираност отколку како што бевме. Според последните податоци на ИЈЗ, најзастапена меѓу новозаразените е возрасната група над 60 години. Дали можеби планирате воведување задолжителна вакцинација на овие граѓани? – Вие знаете дека уште од самиот почеток на пандемијата ние не водевме рестриктивни политики кон одредени групи, тоа беа неколку преземени мерки, меѓутоа беа општи мерки за сите знаејќи дека оваа таргет-група над 60 години со хронични болести се потенцијалот којшто при четвртиот бран најтешко помина, најтешка клиничка форма, имавме и доволно многу случаи на смртни исходи во болниците. Ние сме фокусирани во таа група, да работиме многу интензивно преку матичните лекари. Знаеме дека сите пациенти горе-долу се врзани преку матичните лекари и ние се трудиме преку нив да постигнеме и убедување за позитивно да реагираат, да одговорат на нашите покани за вакцинација. Неодамна матичните лекари одржаа предупредувачки протести, каде ги примаа само пациентите на кои им е неопходна итна помош, поради нивните барања – малата капитација и како што велат тие, финансиските шокови кои можат да доведат до затворање на амбулантите. Ќе им се излезеле ли во пресрет на барањата на матичните лекари, пред сè за зголемување на капитацијата? – Матичните лекари се дел од севкупниот здравствен систем и секако дека моделот на функционирање на примарната здравствена заштита е различен од таа што е секундарна и терцијарна. Организираноста таму е приватизирана и затоа нашиот пристап е со друг модел на финансирање на примарната здравствена заштита. Проблеми и тешкотии коишто се наталожени во период од 20-тина години ние не би можеле да ги решиме за еден месец и доколку овој пристап на бојкот на работата и повремени протести со одбивање услужување пациенти продолжи понатаму сметам дека не е коректно спрема пациентите, а не спрема Министерството, затоа што ние како Министерство и примарните лекари сме на иста линија. Значи, сите ние се грижиме за здравјето на пациентите и не би требало да рефлектира со прекин на работата, меѓутоа секако сум согласен и на неколку наврати сме се состанувале и сме договарале динамика на движење, односно динамика на преговарање со лекарите од примарната здравствена заштита. Сметам дека сме во права насока на договарање и останува само ние да бидеме трпеливи и да седнеме и да разговараме како една заедничка страна за да го решиме проблемот и финансиските тешкотии коишто ги имаат нормално со оваа криза што нè зафати. Реално, секој сектор од економијата ги опфати, туку вклучувајќи ги и примарните здравствени установи. На социјалните мрежи речиси секојдневно гледаме објавени слики и видеа од условите во болниците низ земјава, некои од нив се застрашувачки. Вие како министер дојдовте во ек на пандемија, која, пак, ги извади на површина недостатоците на здравствениот систем. Што ќе сторите во текот на вашиот мандат околу подобрувањето на условите по болниците низ земјава? – Пандемијата беше голем, огромен предизвик и за најразвиените држави коишто ние ги знаеме, а секако и за нас како помала држава и покажа колку сме ние организирани и подготвени за таков предизвик. По однос на вашето прашање, состојбата со институциите, инфраструктурната состојба некаде е во задоволителна состојба, некаде е незадоволителна. Ние како Министерство со текот на годините во минатото, во сегашноста, а и во иднина така ќе биде, имаме некоја динамика и обновување одредени делови на објекти, затоа што целосниот опфат на една зграда, односно на една институција предизвикува и прекин на работењето на тие оддели. Во интерес на временото служење пациенти со здравствена заштита ние тоа не можеме да го направиме и забележуваме сите ние можеме да видиме дека во секоја зграда што е од секундарно или од терцијарно ниво веќе имаме обновени делови, коишто можам да кажам дека личат достоинствено за работење и на здравствениот кадар, а и на пациентите. Министре, во тој контекст веќе долго време се ветува градењето на новиот клинички центар. Дали имате информации до каде е процесот и кога би почнала неговата изградба? Која, според вас, е најсоодветната локација за клинички центар? – Клиничкиот центар е како идеја започната некаде 2005-2006 година и оттогаш до денес постојано се разговара околу нов клинички центар. Дека има потреба државата од нов клинички центар којшто ќе ги пружа сите здравствени услуги на едно место – терцијарно ниво и пандемијата ни покажа дека интегрираните болници се поефикасни за справување со вакви предизвици. Сметам дека за клиничкиот центар треба еден поширок политички компромис и за локацијата и за моделот на финансирање и за составот на клиничкиот центар. Ја презедов таа иницијатива веќе да разговарам и со опозицијата и со позицијата знаејќи дека сме од собраниското мнозинство со позицијата ми е малку полесно да поразговараме затоа што веќе иницијативата и од минатиот период постоела. Меѓутоа, тука се трудам да бидам таа алка што ги врзува двата табора, двата блока за еден проект што е натполитички и што е од национален интерес. Новиот клинички центар треба да се гледа како една надеж за сите што живеат во оваа држава дека се трудиме да направиме подобри услови за живеење. Не дека постоечкиот Клинички центар не е добар и не пружа квалитетна услуга во склоп на секојдневното работење, меѓутоа свесни сме дека постоечкиот Клинички центар е многу стар, амортизиран од секој аспект и не ги задоволува реалните просторни потреби на сите вработени што се во Клиничкиот центар. Тоа е павилјонски комплекс на болници што е изграден пред 50-тина години, некои згради се понови, меѓутоа реално тие тогашни потреби за кадар не се воопшто сега соодветни и доволни за работење на големиот број вработени во Клиничкиот центар, а секако и зголемениот обем на здравствени услуги што се пружа. Како стоиме со функционалноста на останатиот дел од здравствениот систем, по колку време се чека за термин за специјалистички прегледи и кога може да се очекува нормализирање на работата во операционите сали? – Морам да напоменам дека пандемијата предизвика и повремено прекинување на нормалната работа на одредени клиники затоа што дел од интерните клиники се претвораат во Ковид-центри по потреба за зголемување на болнички кревети и тука морам да напоменам дека елективните интервенции коишто беа закажани и во период пред пандемија беа одложувани повремено и се извршуваа само итни и животозагрозувачки хируршки интервенции нормално без откажување, затоа што беа многу витални за секој пациент којшто беше обратен во Клиничкиот центар, меѓутоа елективните се презакажани и одложувани на неколку наврати. Јас посакувам ние да се ослободиме веќе од пандемијата и да можеме да кажеме дека веќе почнуваме да се враќаме на нормалата. Ние секако сега после завршување на четвртиот бран ги затворивме Ковид-центрите во интерните клиники и тие почнуваат со секојдневната работа, меѓутоа знаете дека од прилика месец и пол беа Ковид–центри и се што беше во меѓувреме беше откажано за следниот период постковид. Министре, да се вратиме на ковидот. Сега имаме и една нова ситуација, руско-украинската криза. Околу два милиони бегалци ја напуштиле земјата, најчесто се упатуваат во соседните земји, но и ние се подготвуваме за евентуален бран. Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина (ИФЦР) изразија загриженост дека војната во Украина би можела да доведе до зголемување на бројот на новозаразени со КОВИД -19 како во Украина така и во нејзините соседни земји. Северна Македонија не е сосед, но сепак дали оваа состојба е причина за загриженост за повторно зголемување на бројките? – Засега ние немаме наплив на мигранти од Украина и тие малку што се, во помал број, се згрижени. Досега не сме имале некоја посебна потреба од итна здравствена услуга, освен раѓањето на едно девојче во Гинеколошката болница во Чаир. Тоа е единствената услуга засега што сме ја пружиле на мигрант. Досега немаме ни најава за доаѓање, за пристигнување на некој одреден број мигранти. Меѓутоа, сепак ние како Министерство сме организирани и подготвени за пречекување. Неколку болници сме ги назначиле како „црвени зони“, односно точки каде што би можеле да пристапуваат евентуално новодојдените мигранти и сметам дека сме доволно подготвени за пречек. Проблем кај нас е стапката на смртноста, земјава високо котира на европските и светските листи. Неодамна бевте во посета на ковид-центри во неколку града во внатрешноста на земјата. Каков е вашиот впечаток и каков заклучок извлековте, на што се должи високата стапка на смртност? – Во неколку наврати јас ги посетував ковид-центрите влегувајќи во црвена зона и комуницирајќи со пациенти што лежат во овие ковид-центри. За високата смртност јас веќе во неколку наврати имам дадено објаснување со која методологија ние сме пристапиле уште при самиот почеток на пандемијата дека тоа е начинот како се бројат смртни исходи коишто биле и како резултат на Ковид и како резултат на смртен исход со Ковид и сметам дека тоа е основната причина за зголемениот број смртни исходи кај нас, меѓутоа во склоп на сето тоа што зборуваме и вие го поставувате прашањето можам да кажам дека тоа е комплекс на причини зошто ние имаме голема смртност. Тука се кампањите што се водат против целата пандемија, којашто е премногу негативна кампања и негативен пристап кон раното лекување, односно преземање превентивни мерки. Знаеме сите ние тука сме живееле колку сме биле претпазливи со почитување мерки, колку сме одговарале позитивно на каков било повик на министер за здравство или, пак, претседател на Комисија за заразни болести, колку рано сме пристапиле кон вакцинација и колкава ни е стапката на вакцинација, какви алтернативни терапии сме правеле дома без некакви научни докази дека тоа е вистинскиот начин како да се заштитува од КОВИД итн. Министре, за крај дали сме блиску до постигнување колективен имунитет? – Знаете пред две недели ние вршевме анализа на терен со серолошка анализа, која ни покажува каков е вкупниот имунитет на нашето општество, и од целокупната бројка околу 80 отсто беа анализирани лица со вакцинација и 20 отсто беа невакцинирани. Кај вакцинираните забележуваме бројка од 86 отсто којашто е имунизирана сè уште без разлика кога е примена последната вакцина, а кај невакцинираните забележуваме бројка од 76 отсто имунизираност, што значи дека и вакцинираните и природно прележаните имаат некаков тип имунизација кон коронавирусот и сметаме дека треба да продолжиме со вакцинација за побрзо да постигнеме ниво коешто за нас би значело безбедно живеење, односно ослободување од сите мерки за да продолжиме нормален живот како што сите ние уште од почетокот на пандемијата посакуваме. Меѓутоа, морам да напоменам дека тие 20 отсто, односно 30 отсто кај невакцинирани се многу значајни за општеството, затоа што секој поединец е многу битен. Ако статистиките бројат бројки за секое семејство секој поединец е 100 отсто значаен, така што не можеме да кажеме дека 76 отсто се сосема доволен број за ние да се ослободиме, па да ризикуваме живот на останатите 24 отсто.