Интензивно се реконструира стариот градски парк во Куманово, во нов, т.н. смарт парк.

Како што велат од локалната самоуправа, во паркот кој се наоѓа во близина на автобуската станица, ќе има нов простор за спорт и рекреација, нови пешачки патеки, нови смарт клупи, соларни канделабри, ново детско катче. Предвидени се и нов спортски терен, нова фонтана, паркинг простор и платформа за одржување настани на отворено и простор за домашни миленици.

Изградбата на Смарт парк се спроведува преку проектот на Центарот за развој на североисточниот плански регион „Подобрување на инфраструктурата за развој на алтернативни форми на туризам, спорт и животна средина“ во кој влегуваат повеќе активности.

– Согласно потпишаниот договор во вредност од 11 милиони и 200 илјади денари предвидено е реконструкцијата да заврши во рок од седум месеци, односно до 30 септември, годинава. Градежните работи ги извршува фирмата „КООП Инженеринг“ избрана на тендерска постапка, информира Владимир Павловски од Центарот за развој на североисточниот регион.

Стариот градски парк во Куманово, сместен покрај течението на Липковка, во минатото бил култно место за рекреација на старите кумановци. Извесен период градскиот парк беше запуштен и граѓаните многу ретко го посетуваа.

Стариот градски парк се простира на површина од 38 илјади метри квадратни. Според податоците на ЈП „Чистота и Зеленило“, во паркот има над 370 дрвја претежно листопадни, јасен, тополи, липа, диви костени. Асфалтната површина во паркот зафаќа околу 5,5 илјади метри квадратни.

Покрај овој парк, општината планира изградба на неколку нови градски паркови, на влезот во селото Проевце, на улицата „Карадачки одреди“ во населбата Тоде Мендол, изградба на урбан сквер со парк, фонтана и урбана опрема на влезот во населба Гоце Делчев и урбани скверови на локацијата „Ловец“ и поранешен хотел „Кристал“ и долж улицата „Гоце Делчев“.