„Да го направиме зелен нашиот свет", е мотото со кое Земјоделско-шумарското училиште од Кавадарци, тргнува во борба против урбаното сивило, информираше денеска за МИА, Влатко Тасев, професор по македонски јазик, во оваа воспитно-образовна установа.
-Веќе во три наврати, СОЗШУ ,,Ѓорче Петров” го брани својот статус на двигател на еколошката свест во нашиот град, нагласи Тасев.
Горан Сакалиев, професор по стручни предмети од областа на шумарството, појасни дека со цел разубавување на урбаното сивило, со координација на оп тинската служба ,,Мој општинар”, веќе биле реализирани три еко акции.
-Првата акција беше на булеварот ,,Кочо Рацин”, беа посадени 71 садница од ,,црн бор”. Имавме уредување со посадување на новото шеталиште кај ,,Калница”, со 51 садница од ,,црн бор”. Извршивме и доуредување кај зградите ,,Силекс” во Ваташа, таму беа посадени 28 садници од ,,црн бор”. Утре ќе се пошумува со багрем спроти градските гробишта во Кавадарци, а ќе се сади и уредува и кај ,,Коњските дупки”, соопшти Сакалиев.
Тој додаде дека задутре училиштето исто така ќе реализира еколошка акција, на местото викано ,,Глишички рид”. Таму ќе се посадат околу 500 садници ,,црн бор”, со претставници од ЈП Национални шуми – Скопје и ,,Мој општинар”.