Поранешното велешко кино „11 Октомври" ќе биде преадаптирано во „Европска куќа" каде младите граѓани на Велес ќе имаат простор за дружба, но и за дискусија на важни теми.
Според евроамбасадорот Дејвид Гир, кој денеска беше во посета на Општина Велес, три аспекти се многу значајни за градот Велес и за неговите граѓани. – Би сакал да напоменам три аспекти и гледишта на оваа солидарност од страна на Европска Унија спрема оваа земја и луѓето на оваа земја. Првиот аспект ги засега младите во вашата земја. Ние со нетрпение го очекуваме отворањето на првиот Центар за млади, односно на „Европска куќа", во поранешното кино во Велес, изјави Гир.
Потсети дека има три куќи на Европа во три градови во земјава, во Скопје, во Струмица и во Крива Паланка. – Овие центри се наменети за младите луѓе, кадешто ќе можат да дојдат со цел да дебатираат. Локацијата во Велес наменета за да се води дискусија меѓу младите во вашата земја во врска со важни прашања коишто ги засегаат нив, но исто така да зборуваат и за нивната европска иднина. Доколку ги посетите другите европски куќи, ширум земјата, ќе може да видите дека многубројни активности се развиваат токму таму и има многу млади луѓе коишто се собираат за многу иновации, но и многу забава за младите, додаде Гир.
Тој истакна дека ЕУ помага и за сите предизвици што се појавуваат како резултат на климатските промени. Постојат планови за промоција на позелени простори и можности за имплементација на зелената агенда за поздрав и поактивен животен стил на граѓаните. Како трет аспект, напомена дека поддршката на Европската Унија е наменета за развој на Општина Велес, односно за промоција на туризмот.
-Имате прекрасна природа, пребогато културно наследство во Општина Велес и преубава животна средина, не заборавајќи го езерото Младост. Ние како Европска Унија сме имплементирале голем број проекти околу езерото Младост, како како и во општината коишто со задоволство ќе ги поддржуваме во иднина, додаде Гир.
Во придружба на евроамбасадорот при денешната посета беше и амбасадорот на Италија во земјава Андреа Силвестри, којшто истакна дека му е особена чест што првпат е во Велес.
-Како што напомена амбасадорот Гир, ние се фокусираме на три точки, а тоа е имплементација на зелената агенда на Европската Унија, на младите и на економскиот и туристичкиот развој на земјата. Јас сум убеден дека овие три точки се клучни за економскиот и туристичкиот развој кој е во интерес на самата општина, на граѓаните, рече Силвестри. Додаде дека дискутирале со градоначалникот на Велес Марко Колев и дека ова е негова прва посета во Општина Велес.
Градоначалникот Колев го поздрави присуството на двајцата амбасадори и напомена дека младите велешани со оваа „Европска ќуќа" ќе имаат место за творење и реализација на многу проекти.
-Ние денеска ќе одиме да го посетиме местото во поранешното кино, да го видиме просторот, деталите не се договорени, но најавата е дека со финансиски средства од ЕУ и други земји членки, вклучувајќи ја и Италија тој простор ќе биде целосно уреден. До крајот на оваа година се надевам ќе биде ставен во функција каде младите ќе може да се реализираат. Имаме многу содржини, Европска Унија ги помага младите, го помага Велес, нагласи Колев.
Евроамбасадорот Дејвид Гир го посети просторот на поранешното кино во центарот на Велес, а со својата делегација потоа се упати и во посета на археолошкиот локалитет Стоби.