Во Културно информативниот центар во Скопје вечерва ќе се одржи промоција на книгата „Во главата пишувам расказ“ на авторите Елизабета Баковска и Сашо Димоски.
Промотори на книгата ќе бидат Оливера Ќорвезироска и Владимир Јанчевски, а ќе биде отворена и изложбата на портрети „12 + една“ на фотографот Сашо Димоски.
Книгата содржи 60-тина раскази и исто толку фотографии. Баковска ги пишувала расказите во периодот септември – октомври 2018 година и ги објавувала на социјалната мрежа „Фејсбук“, а се однесуваат на компресирани сеќавања и размислувања поттикнати од испраќањето и упокојувањето на нејзината мајка.
Ова е нивна трета соработка, по поетската збирка „Варварите сè уште пишуваат поезија“ (2015) и изложбата на фотографии подготвена заедно со промоцијата на книгата раскази „Последните голтки“ (2018).