Гласниот благослов на рускиот патријарх Кирил за руската инвазија на Украина предизвика расцеп на православните цркви и покрена внатрешен бунт, кој според експертите е без преседан, пишува Ројтерс.
Кирил (75), близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин, ја гледа војната како бедем против Западот, кој го смета за декадентен, особено поради неговото прифаќање на хомосексуалноста.
Тој и Путин споделуваат визија за „руски свет“, поврзувајќи го наводното духовно единство и територијалната експанзија кон делови од поранешниот Советски Сојуз, велат експертите на Ројтерс.
Тоа што Путин го гледа како политичка реставрација, Кирил го гледа како христијанска војна.
Сепак, патријархот предизвика реакција дома, но и меѓу црквите во странство што се поврзани со Московската патријаршија.
Во Русија, речиси 300 православни членови на групата наречена Руски свештеници за мир потпишаа писмо во кое ги осудуваат „убиствените наредби“ извршени во Украина.
„Украинскиот народ треба да одлучи сам, без притисок од Запад или Исток, и не под закана со оружје“, се вели во писмото.
Од 260 милиони православни христијани во светот, околу 100 милиони живеат во Русија, а дел од верниците во странство се членови на Руската православна црква.
Меѓутоа, војната ги влоши односите.
Свештениците на амстердамската парохија Свети Никола престанаа да го спомнуваат Кирил на мисите.
Рускиот епископ во Западна Европа ги потсети дека ќе влијае на нивната одлука, но парохијата ги прекина односите со Московската патријаршија, нагласувајќи дека одлуката е „тежок чекор“.
„Кирил едноставно ја дискредитираше Црквата“, рече Тарас Хомух, украински гркокатолички свештеник и виш предавач по теологија на Универзитетот Ливерпул Хоуп.
„Повеќе луѓе сакаат да прозборуваат во Русија, но се плашат“, рекол тој за Ројтерс во телефонско интервју.
Во Украина има околу 30 милиони православци и тие се поделени на три цркви, од кои две се најважни - автокефалната Украинска православна црква и Украинската православна црква на Московската патријаршија (УКЦ МП).
Руската православна црква ја смета Украина за исклучително важна бидејќи е лулка на Киевска Русија, средновековна држава чиј владетел Володимир / Владимир го примил христијанството од византиските православни мисионери. На наследството на таа држава се повикуваат и Украина и Русија.
Киевскиот митрополит Онуфриј Березовски (УКЦ МП) го повика Путин „веднаш да ѝ стави крај на братоубиствената војна“, додека другиот митрополит на таа црква потчинета на Москва, Евологиј од источниот град Суми, ги повика своите свештеници да престанат да се молат за Кирил.
Кирил, кој тврди дека Украина е составен дел од неговата духовна јурисдикција, веќе ги прекина врските со Вартоломеј, истанбулскиот вселенски патријарх што дејствува како прв меѓу еднаквите во православниот свет, а ја призна автокефалната Украинска православна црква.
„Некои цркви толку му се лути на Кирил поради неговиот став за војната што се соочуваме со пресврт во светското православие“, изјави за Ројтерс Тамара Грџелиџе, професорка по верски студии на грузискиот државен универзитет Илија и поранешна грузиска амбасадорка во Ватикан.
Во заедничката изјава, православните теолози од институциите како Центарот за православни христијански студии на Универзитетот Фордам во Њујорк и Академијата за теолошки студии Волос во Грција ги осудија оние црковни водачи што „ги насочуваат своите заедници да се молат на начини што активно поттикнуваат непријателство“.
Помеѓу другите православни великодостојници, војната беше критикувана од патријархот на Александрија и цела Африка Теодор II, романскиот патријарх Даниел и финскиот архиепископ Лео.