Јавното комунално претпријатие „Стандард“, кое стопанисува со водоводот Росоки-Дебар, со финансиска поддршка на локалната власт, продолжува со реализација на проектот, чија цел е подобрување на состојбата со водоснабдувањето.

Станува збор за замена на старите вентили од каптажата, долж цевководот па се до главниот резервоар во градот, што се реализира за првпат по изградбата на водоводот во 1987 година.

-Проектот што го инвестира општина Дебар за замена на афункционалните воздушни и испустни вентили од изворот Росоки до главниот резервоар, или вкупно 66, продолжува успешно да се реализира од страна на тендер договорената компанија СмС холдинг Скопје. Се разбира, ЈКП „Стандард“ помогна во подготовка на проектните задачи и следење на работата на терен. Работите ќе продолжат и следната недела според планот за работа до конечна реализација на проектот, информираа од Општината.

Поради зафатот Дебар и селата Рајчица и Долно Косоврасти, низ кои минува цевководот, без вода беа 12-есет часа, од 9 до 21 часот.

-Во текот на вчерашниот ден успеавме да реновираме седум единици, а исто така и главниот вентил што го снабдува резервоарот R1, кој со децении оневозможуваше полнење на една резервоарска единица. Остануваат за замена уште 41 вентил. Од име на нашите тимови, на корисниците им благодариме за разбирањето и трпението, рече за МИА, директорот Бурим Каба.

Додаде дека овој процес секој ден се повеќе ја покажува важноста на оваа инвестиција од страна на општина Дебар и најавува дека набрзо ќе почне и проект за ревитализација на цевководот.