Стимулација за селекција на отпад, со ваков проект ЈП „Исар" самостојно аплицира до Источно планскиот регион, со цел зачувување на животната средина, но и мотивирање на граѓаните да го селектираат и фрлаат отпадот во посебни контејнери.

Директорот на ЈП „Исар-Штип, Трајче Здравков вели дека сега се подготвува документацијата, и ако се прифати проектот преку формите на 11 општини од Брегалничкиот регион, понатаму ќе се пристапи кон реализација на истиот.

-Проектот се состои од примарна селекција на отпад, односно да направиме стимулација на домаќинствата да го селектираат отпадот, односно пластика, хартија, лименки и да го доставуваат до пунктови кои што ќе бидат распределни низ градот. Од сето тоа бенифитот ќе биде голем, пред се за животната средина во Општина Штип, ќе имаме помалку расфрлано ѓубре, смет низ градот и граѓаните ќе ги стимулираме да го селектираат отпадот, а ќе и даваме пример некоја стимулација во вид на поени, вели Здравков.

ЈП „Исар" досега нема аплицирано за обезбедување средства за изработка на проекти кои би имале стимулација врз граѓаните за зачувување на животната средина. Во Штип поставени се контејнери за селекција на различен вид на отпад на повеќе локации, но стимулација на граѓаните нема.