Во Младински културен центар (МКЦ) – Скопје вечер ќе биде отворена изложбата „Пукнатини/Трансформации“ на уметникот Благојче Наумоски – Бане.

Авторот информира дека преку овие дела го истражува она што се наоѓа под или зад содржината, а тоа се самите пукнатини насекаде околу нас. Тој вели дека тоа за него претставува предизвик за експериментирање со мешање на техники, деконструирање, трансформирање и др.

– Се покажува односот на пукнатините на површината во едни геометриски форми, опозицијата на линијата и површината, функционалната синтеза на материјалноста, односот на пиктуралната форма и објектните протезности, соочувањето на изведените илузии на вдлабнување и на испакнување и потенцијално најавените ефекти, разликувањето на контролираниот гест и верификацијата на случајот на перцепција. Функцијата на празното и полното и нивна трансформација. Пукнатините како чин на самото присуство на делото во него и обратно, отвора паралелен однос на материјалноста на различниот потенцијален спектар: спектар на бои и спектар на текстурални ефекти, вели Наумовски – Бане.

Тој посочува дека интересот, меѓу другото, е насочен кон создавање на бинарни опозиции: позитив / негатив, полно / празно, вдлабнато / испакнато и ефектите кои се создаваат, инсистирајќи на нејасната граница помеѓу илузијата (на насликаното наспроти дигиталното) и реалноста во рамки на геометризмот.

– Проблемот со кој што се бавам во овој мој најнов проект се пукнатините и трансформациите, кадешто предметното, амбиенталното е поставување на функционален ефект на трагата од присуство на конкретната ситуација или афект на површина и функционалната приказна за дополнителната сензација во овие дигитални дела. Конкретност на тие расцепнатости наспроти смиреноста на делови од површините. Присуство и негова инверзија: онтологија на ефектите од тие пукнатини и онтологија на објектноста наспроти структурата на формата, вели авторот на изложбата во најавата.

Благојче Наумоски – Бане, е роден на 02.04.1985 година во Кичево. Дипломира во 2007 година на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот “Св. Кирик и Методиј” – Скопје, педагошки отсег насока сликарство во класата на проф.Рубин Корубин. Во 2009 година станува магистер од област сликарство кај проф. Јован Шумковски. Од 2007 година е член на Друштвото на Ликовни Уметници на Македонија (ДЛУМ). Во 2009 година станува член на групата Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т и активно учествува во сите нејзини проекти. Од 2015 година е член на колективот АД АКТА. Од 2012 година работи како асистент на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет. Во 2016 година станува доцент на истиот факултет. Моментално е вонреден професор и продекан на Факултетот за арт и дизајн. Има излагано во Берлин (Германија), Њујорк (САД), Љубљана (Словенија), Париз (Франција), Хаифа (Израел), Прага (Чешка), Софија (Бугарија), Приштина (Косово), Виена (Австрија), Отава (Канада) и.т.н. Исто така има учевствувано на повеќе ликовни колонии. Во изминатиов период има реализирано седумнаесет самостојни и повеќе групни изложби.