Почнаа подготвителните активности за реконструкција на улиците „Даме Груев“ и дел од „Момчило Јорданоски“ во Охрид, во рамките на проектот „Поддршка на регионалниот економски развој преку туризмот, културата и другите економски дејности“, што го имплементира Центарот за развој на Југозападниот плански регион, преку програмата за регионален развој на Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој за 2022 година.

Со реконструкцијата, покрај коловозот, како што информира денеска директорката на Центарот за развој на Југозападниот плански регион, Мирјана Лозаноска, ќе бидат опфатени и тротоарите, а ќе се регулираат и атмосферските води.

– Со реализација на проектот ќе се подобрат сообраќајните решенија, а ќе се зголеми и безбедноста на пешаците, за жителите од населбите Христо Узунов и Гоце Делчев. За реконструкција на овие сообраќајници обезбедени се околу 18 милиони денари, поголемиот дел од централниот буџет, а со дел на средства учествува и Општина Охрид, како партнер во проектот, истакна Лозаноска.

Според директорката, со проектот „Поддршка на регионалниот економски развој преку туризмот, културата и другите економски дејности“, чија вкупна вредност е скоро 45 милиони денари, ќе се реконструираат и улиците во стариот дел на Струга, партерно ќе се уредува Туристичкиот центар „Ванчо Србакоски“ во Вевчани и ќе реконструира локалната сообраќајница од Центар Жупа до селото Бајрамовци.