Запрена е изградбата на пат во штипската ТИР зона, каде што во моментов работат три странски компании, а дел од нив ги прошируваат и фабричките капацитети.
Директорката на Државниот трудов инспекторат, Весна Томовска, вели дека на 16 март е пронајдена експлозивна направа, по што багеристот кој работел на ископ на патот одбил да ги извршува градежните работи, бидејќи стравувал за неговата безбедност.
Трудовите инспектори во два наврата излегле на терен. Од страна на фирмата инвеститор на 17 март повторно упатиле повик до надлежните од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), кои во овој случај конастатирале дека на терен е пронајдено парче железо, а не експлозивна направа.
Од ДЗС појаснуваат дека на 16 март е пронајдена минофрлачка граната 82 милиметри, а од страна на деминерот е подигната од теренот.
Градежните активности ги извршува компанијата ЗОБЕК ДОЕЛ од Скопје. Нема опасност за трите фабрички капацитети кои работат во зоната е оценката на надлежните институции по извршената обиколка на терен.
На само неколку километри, односно на спротивниот рид, пред неколку години беше пронајдена бомба од Втората светска војна, кај познатата штипска фабрика „Актива“. Тогаш специјален тим составен од припадници на АРМ и на ДЗС ја деактивираа на самото место.
Трудовиот инспекторат вчера донел одлука за забрана за вршење на градежните активности на парцелата во Технколошко индустриската развојна зона во Штип, каде што треба се изгради пат