Јавната локална библиотека „Илинден“ од Делчево, по повод 21 Март Светскиот ден на поезијата во своите простории изложи збирки поезија од роднокрајни автори. На изложбата, како што истакна директорката на библиотеката Биљана Петровска, читателите ќе имаат можност да прочитаат кратка бибографија за роднокрајниот автор, како и една песна од збирката која е изложена.

-Секоја година денешниот датум „21 Март“ е резервиран за одбележување на три големи настани. Освен што ќе и кажеме големо „Добредојде“ на пролетта и ќе си го средиме домот, училиштето или работното место во чест на денот на екологијата, го прославуваме и Светскиот ден на поезијата. Една од повеќето причини зошто се означува токму Светскиот ден на поезијата, е одржување во употреба на усмениот рецитал. На овој начин се обновуваат и дијалозите помеѓу поезијата и другите уметности, истакна Петровска.

Делчево имало и ќе има свои поети кои пишувале, пишуваат и создаваат прекрасни книги, прекрасна поезија и затоа, како што додаде Петровска, задоволство е што библиотеката има дела од свои роднокрајни автори кои може да ги понуди на своите читатели.

-Сите наши читатели кои доаѓаат во библиотеката ќе имаат можност да ја погледнат оваа изложба на збирки поезија на нашите роднокрајни автори, книги кои библиотеката ги има и стојат на располагање на нашите читатели. Изложивме збирка поезија на вкупно 13 роднокрајни автори, меѓу кои и дела од Љубчо Георгиевски, Киро Филиповски, Ѓорѓи Џаџов, Маја Цврдачка, Перса Стојановска, Билјана Поповска, Билјана Начовски, Сабри Демиров, Васил Маневски,Стеван Спасевски, Христина Деолска, Спириндон Митевски и Димитрија Стојчевски, додаде Петровска напоменувајки дека изложбата ќе трае и во следните неколку денови.

Одлуката токму 21 Март да се прославува како Светски ден на поезијата била усвоена во Париз во 1999 година. Оттогаш, овој ден како што додадоа од ЈЛБ „Илинден” се прославува со книжевни собири низ целиот свет од страна на поетите кои испраќаат пораки во чест на стиховното творештво.