Со настанот „Стихови и ноти со Европски звук” што се одржа во Europe House Крива Паланка, одбележан е 21 Март-Светски ден на поезијата.

Настанот се одржа во соработка со литературниот клуб „Калин” од Национална установа Центар за култура Крива Паланка, а координатори беа поетесата и книжевник, Ирена Белешковска и наставник-ментор Лариса Жулина-Митовски.

Поезија читаа членови на литературниот клуб „Калин”, ученици во двете основни училишта:„Јоаким Крчовски” и „Илинден” и од средното општинско училиште „Ѓорче Петров”, Крива Паланка, а музицираа членови од училишниот оркестар во „Јоаким Крчовски” и млади музички таленти под раководство на професорката Лариса Жулина-Митовски.

Се читаа стихови од врвни поети од различни Европски држави, членки на ЕУ, како и македонска поезија од Гане Тодоровски, Петре М.Андреевски и други, со акцент на посебноста и јазичното богатство на македонскиот литературен јазик.

– Поезијата е најсофистициран израз на чувствата и мислите, место на генеза на емоционална слика што со поетското перо се исцртува на човековата душа, изместена од срцето на авторот, рече Белешковска.

Потенцира дека во ерата на технологијата, книгите се можеби по малку запоставени и не толку популарни кај младите генерации, но, им посочи на присутните дека секој може да прелиста на интернет пребарувач и да пронајде поезија за сечиј вкус.

Младите музичари музицираа композиции од познатите Европски композитори, Бах, Шопен и други.