Од печат излезе книгата „Ќе се разбудам на Шибуја“ од чешката авторка Ана Цима, а во превод на Донка Роус, соопшти издавачката куќа „Славика либрис“ од Скопје.

Романот „Ќе се разбудам на Шибуја“, посочуваат од издавачката куќа, е чешки роман за јапонскиот сон.

– Кога седумнаесетгодишната Јана доаѓа во сонуваното Токио, посакува тука да остане засекогаш. Брзо се уверува во недогледните последици од таквата желба. Ќе се најде, всушност, затворена во магичен круг во бучниот кварт Шибуја. Додека помладиот лик на Јана талка низ градот, доживува чудни ситуации и бара пат за дома, дваесетичетиригодишната Јана во Прага студира јапонистика, се труди да добие стипендија за Токио и заедно со постариот колега се труди да преведе јапонски расказ. Судбината на неговиот автор, до неодамна заборавен писател, Кавашита, во развојот на настаните ќе има поголемо влијание, отколку што би очекувале и двете Јани…, се вели во соопштението.

Романот-првенче на младата јапонистка, наведуваат, е посветен на барањето пат кон различната култура, за нееднозначноста на реалниот свет и за деликатноста на исполнетиот сон.

Ана Цима (1991) е чешка јапонистка, преведувачка и писателка. Во моментот со својот сопруг Игор Цима, јапонист, живее во Јапонија и ја проучува повоената јапонска литература. Покрај студиите, преведува дела на јапонски автори на чешки јазик, но се занимава и со цртање и со музика. Вниманието на јавноста го привлекла уште со својот прв роман „Ќе се разбудам на Шибуја“, кој во 2019 година добил неколку награди како Магнезија литера за откритие на годината, наградата Чешка книга и наградата за млад автор Јиржи Ортен. Романот е делумно инспириран од животот на авторката, но не се работи за автобиографско дело, туку повеќе е пример за магичниот реализам кој е типичен токму за јапонската литература.