Потребната документација за упис на првачињата во учебната 2022/23 година,согласно новиот Закон за основно образование, ќе треба да содржи и потврда за извршен офталмолошки преглед, потврдија денеска од одделението за образование на Општина Гевгелија.
– Поради оваа обврска, беше посочено дека Општината се ангажирала и во координација со Општата болница од Гевгелија веќе договорила слободни термини за бесплатен преглед на идните првачиња и ги информира родителите дека закажувањето за офталмолошки преглед ќе можат да го направат преку матичните лекари.
Освен потврдата за извршен офталмолошки преглед, во документацијата за упис на новите првачиња ќе треба да има извод од матичната книга на родени, потврди за примени задолжителни вакцини како и за извршен стоматолошки преглед, издадени од надлежни здравствени установи.