Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) испрати допис до Општина Струга по извршениот вонреден инспекциски надзор на опожарената трска кај селото Калишта со укажување дека е одговорна за управување и спроведување мерки и активности за заштита и промовирање на светското природно и културно наследство на Охридскиот регион и спречување негативни активности.
– Имателите на светско природно и културно наследство во Охридскиот регион се одговорни за одржувањето, чувањето, почитувањето и правилното користење на природното и културното наследство. Општина Струга како имател на светското природно наследство треба да постави знак за светското наследство на начин определен во (членот 20 став) и преземање мерки што произлегуваат од планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион, информира Државниот пазарен испекторат
Вонредниот инспекциски надзор, беше извршен на 17 март, годинава, по добиена медиумска информација за опожарување на трските во Охридското Езеро во близина на струшкото село Калишта.
– Инспекцискиот надзор е извршен на потегот помеѓу Струга и селото Калишта, каде што при увидот со Записник за констатација е константирано дека на брегот од Охридското Езеро има уништување на трска и друга вегетација, со опожарување во должина од околу 450 метри и ширина од 50 метри лево од пешачката патека, која води од Струга спрема Калишта, а десно меѓу патеката и регионалниот пат Струга – село Калишта имаше запалена вегетација на две локации. Дел од изгорената трска и вегетација не е опожарена пред временскиот период кога е извршен надзорот, бидејќи има појава на обновување односно раст на нова вегетација. Поднесено е барање за покренување кривична постапка до Основно Јавно Обвинителство на РСМ-ОЈО Струга за сторено кривично дело „Загадување на животна средина и природата“, стои во информацијата на Инспекторатот.