Детски културен центар „Карпош“ и Град Скопје распишуваат конкурс за оригиналнo прoзно дело за деца на возраст од 10 до 15 години.

Пријавените книжевни дела (роман, новела, подолг расказ…), како што соопшти Детскиот културен центар „Карпош“, треба да имаат наративна форма, најмалку 30 компјутерски страници, да бидат наменети за деца на возраст од 10 до 15 години, да бидат напишани на македонски јазик и да не биле досега објавувани.

Од Детскиот културен центар „Карпош“ посочуваат дека особено внимание ќе биде посветено на дела што се забавни, достеливи, поучни, поттикнуваат креативност и критичко размислување.

Целта на овој проект е креирање на можности за авторите што пишуваат литература за деца и млади, како и креирање на читачки навики кај младите преку содржини што ќе поттикнат љубопитност кај нив.

Текстовите треба да бидат испратени електронски најдоцна до 10 мај на мејл адресата: citackimaraton@gmail.com (со назнака: За конкурсот за оригинално прозно дело за деца)

За наградата ќе одлучува тричлечна стручна комисија. Учесниците ќе бидат известени за резултатите од конкурсот најдоцна до 10 јуни. Тричлената комисија ќе додели една награда, а делото ќе биде публикувано. Целта на овој конкурс е да се поттикне продукцијата на литература за деца од оваа возраст, информираат од Детскиот културен центар „Карпош“.