Со претставување на вештините во традиционалните јадења на руралните жени, денеска во општина Долнени беше промовиран концептот „Социјална правда и економско јакнење на жените во руралните средини”. Ова е прв од серијата настани за предизвиците и можностите со кои се соочуваат помалите општини во креирање локални политики за поддршка на жените во руралните средини. Проектот е на невладината локлана акциона група АГРО ЛИДЕР во соработка со општина Долнени.
Како што објаснува Марина Тошеска, со денешниот прв од серијата настани годинава, се охрабрува руралната жена да ги оствари своите права и потреби.
-Нашата држава и локалните самоуправи во согласност со националната регулатива и сите меѓународни договори, прават напори и веќе се направени значајни исчекори во обезбедувањето учество на жените во креирањето политики. Денешниот настан има цел да ги охрабри жените, но и носителите на локалните политики, градоначалниците, за поактивно вклучување и ангажираност, како и во давањето идеи што треба да се подобри за навистина општината да одговори на реалните потреби на жените, но и да им се даде можност самите да спроведуваат иницијатива, изјави Тошеска.
Според неа, направен е значаен исчекор, но долг е патот што треба да се изоди. Приоритетни се правото на породилно отсуство и социоекономското зајакнување.
-Со поддршка на Општината, ќе работиме на обезбедување платено породилно отсуство за жените земјоделки, да им обезбедиме пристап до социјалните права, правата од социјална заштита, да ги зголемиме, да обезбедиме можности и услуги да се зголеми нивната вработливост, и најважно од сѐ, да се зголеми свесноста и нивниот труд и значењето за развој на руралниот труд со нивниот придонес да биде промовиран и вреднуван, вели Тошеска.
Според Снежана Јованоска, социјален работник во Центарот за социјални работи од Прилеп која работи токму во областа на правата и услугите за населените места во Долненско, жените се главни носители на правата од детски и образовен додаток што им дава одредена сигурност да располагаат со средства и да решаваат за потребите, но мора да се работи, да се разговара во нивните семејства за да стекнат доверба и самодоверба.
-Треба уште да се работи, но чувствувам дека во овој дел жените стануваат свесни дека и тие, рамноправно со нивните мажи може непречено да комуницираат со институциите, има голем дел со средно и со факултет и може да ги бараат и да ги планираат нивните потреби и може да побараат поддршка и помош од кој било вид. Од социјален аспект, ние треба да бидеме присутни во семејствата, да се разговара директо со жените, да стекнат доверба и во институциите и во самите себе дека рамноправно со брачните другари може да присуствуваат и да придонесат воопштествениот живот, да ги бараат правата и да се унапредуваат, да бараат квалификација и преквалификација и да бараат вработување и во руралните места, објаснува Јованоска.
Ајше Муаремоска Топалоска од локалната самоуправа во Долнени вели дека ова е прв ваков настан и е охрабрување за жените кои веќе се вклучуваат во општествените текови.
– Ова е Општина на четири заедници: македонска, албанска, турска и бошњачка. Денеска почнавме со иницијатива да направиме традиционални јадења, да ја промовираме руралната жена и да може да се развива социо-економски и да биде активна во сите сфери на општината. Ги вклучуваме и во други проекти: за згрижување стари лица, на деца со посебни потреби, ги вклучуваме во отворањето на ран детски развој, вклучени се најмногу жените и малите деца кои, за жал, нема каде да се социјализираат и едуцираат, изјави Муаремоска Топалоска.
Во локалната самоуправа во Долнени од 30 вработени, осум се жени, а градоначалникот Урим Ибески најави личен придонес во рамноправното вклучување на жените за реалните потреби.
– Денешниот настан е најава за креирањето на локалните политики согласно со реалните потреби на жителите на Општината, вклучувајќи ги и родовиот аспект и поддршката на жените. Во соработка со ЛАГ – Агро Лидер ќе работиме на вклучување на родовата перспектива во програмите, стратегиите и во останатите документи на општина Долнени, изјави градоначалникот на Долнени Урим Ибески.