Во ликовниот салон во Велес, вчера беше отворена првата заедничка изложба на браќата Филип и Ангел Коруновски, насловена „Symbiotics“.
– На изложбата се претставени 40 дела, по 20 од секој од нив работени во комбинирани сликарски и цртачки техники. Сите дела се работени на квадратни платна и се рефлексија на чувствата и размислите на уметниците во контекст на апстрактната уметност и акционото сликарство во насока на личното современо доживување на општеството, потенцира Елица Николова историчар на уметноста еден од промоторите на изложбата.
Изложбата „Symbiotics“ е првата заедничка изложба на Филип и Ангел Коруновски, која кон крајот на 2021 година беше поставена во МКЦ Скопје, а нивните дела пред велешани веќе биле претставени преку делата од Ликовната колонија „Папрадишки мајстори“, на која колонија од 2009 до 2017 година Ангел беше организатор, а Филип дел од организацијата, како и на посебни самостојни изложби во Велес.
Двајцата своето високото образование го стекнуваат на Факултетот за Ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Филип на отсекот за Графика со графички дизајн, а Ангел на одделот за Вајарство, под менторство на проф. Васил Василев. На истиот факултет се стекнуваат со називот Магистер по скулптура во 2011 година. Имаат реализирано самостојни изложби во земјата и странство од кои посебно би ги издвоиле изложбите во Прима центарот во Берлин, каде Филип учествуваше во 2019, а Ангел во 2020 година и имаат учествувано на поголем број групни изложби и колонии, од кои од 50-тината на кои учествувал Ангел, како позначајни би ги издвоиле учествата во – Бетон, Франија 2010 година, Јарослав, Русија 2017 година и во Каиро, Египет 2018 година.
Тоа што можее да се забележи е дека Филип ни се претставува со нешто доста поразлично, особено од претходните две изложби кои беа поставени во ликовниот салон, „Несознајно“ и „Носталгија по изолацијата“, каде ни се претстави со дела каде преовладуваше фигурацијата, за сега да видиме чисто апстрактни дела, каде со кратки хармонични потези со контрастни и силни бои ја гради композицијата. Од друга страна Ангел се претставува најчесто со скулпторски остварувања, и кој со скулптурството има остварено значајни успеси во сликарството, задржувајќи ја нишката на дела работени во полковски манир, во рамките на апстрактниот експресионизам, но се повеќе се ослободува од ова влијание и сега нишката се ткае и надополнува.
За творештвото на Ангел и Филип Коруновски зборуваше и рецензентот на делото на уметниците, театрологот Сашо Димоски.
Инаку Ангел Коруновски е познат по голем број изработени скулптури, првата му е Коњаникот во центарот на Велес посветен на велешките војводи Илинденци, скулптурата на Филип Втори во Битола и на голем број скулптури поставени на јавни површини во Скопје и други градови.