На Бислимската клисура викендов ќе се одржи спортско-качувачки маратон, на кој ќе учествуваат спортисти од државава и од Србија и Грција, информираа денеска одговорните за организацијата.

Маратонот го организираат спортско качувачкиот клуб „Екстрим“ од Скопје, „Вертикал травел“ и Општина Куманово. Ова е втор маратон во спортско искачување кој се организиран на Бислимската клисура, првиот се одржа пред две години.

– Ќе биде интересно, два дена се качува на карпа. Бислимска клисура е на многу добра локација, со автомобил стигнувате на пет минути од карпите, што е важно, пристапот е добар, карпата е компактна не е ронлива, и е убав локалитет за спортско качување, можеби еден од поатрактивните во Македонија. Самиот поглед, самата клисура е убава, прекрасна, изјави спортскиот качувач, водич, Стојан Хаџи Ефтимов.

Качувањето со јаже почнува утре во 8 часот. Бислисмка клисура е добро место за организирање екстремни спортови и организаторите велат дека е важно да се одржува и да не се загадува тоа што го нуди природата. За развој на спортското качување, Хаџи Ефтимов повика да се вложи и во образованието, да се вложи во спортски сали каде ќе се практикува искачувањето кое веќе е олимписки спорт.

Бислимската клисура, иако мала по должина од само седум километри стана вистинска атракција за домашни и странски гости. Сместена е на околу пет километри од Куманово од вливот на Кумановска река до селото Пчиња. На овој простор егзистираат преку 1.100 растителни видови на виши растенија, големо богатство на нижи растенија. Мистичното место за кое се врзуваат бројни легенди стана викенд хит дестинација за младите и рекреативците за време на пандемијата, а сега е често посетувана од домашни и странски гости и особено од љубителите на адреналински спортови.