Во библиотеката „Григор Прличев“ во Охрид денеска се одржа книжевен портрет посветен на професорот Димитар Пандев, минатогодишен добитник на наградата „Димитар Митрев“ за најдобра критичко-есеистичка книга во 2021 за делото „Времето на Конески“.

Директорот на Установата, Милчо Јованоски, го прогласи Пандев, за почесен член на Охридската библиотека.

– Нашата библиотека од 2018 година воведе прогласување за почесни членови, личности од Охрид и Македонија, кои ја задолжиле библиотеката со своето творештво и соработката. Во тој ранг на 10-тина македонски автори од денеска се вклучува и професор д-р Димитар Пандев, кој на македонската јавност и е познат освен како научен работник и доктор по филолошки науки, како еден од најредовните учесници на семинарот за Македонски јазик, рече Јованоски.

Пандев, нагласи директорот на Библиотеката, го препознаваме по она што го пишува, по прозата.

– Овој портрет е резултат на долгогодишна активност на Пандев во Библиотеката. Настанот е одбележување на таа врска и симбиоза меѓу Григор Прличев и Димитар Пандев, двајцата охриѓани, на денот кога се одбележува овенчувањето на Прличев со Ловоровиот венец во Атина – 25 март, додаде Јованоски.

Во своето обраќање, Пандев се осврна на работењето со Блаже Конески, задржувајќи се на Тиквешкиот зборник. За своето творештво вели дека во неговите раскази не го продуцира ликот „јас“, нагласувајќи дека во своите раскази секогаш правел корелација меѓу науката и литературата.