Триесетина дела во графика од младиот кривопаланечки уметник од вечерва се изложени во галерискиот простор на Националниот Центар за култура Крива Паланка.

Изложбата „Графики и цртеж“ од академскиот графичар Стефан Младеновски е негова прва самостојна изложба во родниот град.

-Многу е големо задоволството што изложувам дела, првпат, во мојата Крива Паланка, особено бидејќи се дела од моето примарно занимање, графика и цртеж. Графиката, за разлика од другите уметнички стилови, сликарство и вајарство, е можеби помалку ценета и некако запоставена. Благодарност до Центарот за култура за поканата да се претатавам тука, изјави Младеновски.

Вања Јакимовска од НУЦК Крива Паланка рече дека иако е релативно млад, Младеновски досега има реализирно повеќе самостојни и голем број групни изложби, учесник е на повеќе ликовни колонии и работилници и е член на Друштвото на ликовни уметници од 2020 година.

Стефан Младеновски е роден 1996 година во Крива Паланка. Средно образование завршил во ДСУЛУД “Лазар Личеноски” – Скопје, оддел графика. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности – Скопје во 2020 година, оддел графика со насока конзервација и реставрација, во класата на проф. м-р Зоран Јакимовски. Апсолвент е на постдипломски студии на истиот факултет под менторство на проф. м-р Мирко Вујисиќ, катедра по графика.

Добитник е на студентската награда за графика “Драгутин Аврамовски – Гуте” и на Специјалната награда за развој на современата графичка уметност на 10-то Меѓународно графичко триенале во Битола.