Во рамките на 43-от Белградски саем на туризмот каде се презентираат македонските туристички потенцијали, првапат беше одржана Дојранска туристичка вечер, како и традиционалната Охридска вечер, јави дописникот на МИА од Белград.

Дојранската вечер, која ја организираше Општина Дојран се одржа во ресторанот СитиХол, со гости од туристичкиот, културниот и политичкиот живот на Србија, новинарски екипи од Белград и на неа покрај туристичките потенцијали на општина Дојран беа служени и рибните специјалитети од Дојранското езеро и македонски вина.

Како што изјави градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, општината има доста вложено во туристички содржини и капацитети, во туристичката понуда, што допринесува на ширење на туризмот и надвор од Македонија, на странските пазари, каков што е српскиот и бугарскиот пазар.

-На овој саем на туризмот решивме да се преставиме како доликува на Дојран кој е бисер на југот од државата и планираме ова да го продолжиме, и така за прв пат правиме овдека Дојранска вечер, за да ги презентираме нашите убавини и прекрасните Дојрански гурмански специјалитети. Српските туристи кои заземаат околу 30 отсто од туристите се повеќе доаѓаат во Дојран, и освен како транзитни туристи целта ни е, не само само во летниот период, туку со понудата да дојдат и во други сезонски периоди, како на пролет или на есен, изјави градоначалникот на Дојран, Анго Ангов.

На Дојранската вечер беше потпишан протокол за збратимување со општината Вишеград од Република Српска во БиХ.

Во рамките на Белградски саем на туризмот, во хотелот Мажестик во центарот на Белград се одржа и традиционалната Охридска вечер, која овојпат беше во организација на ХОТАМ.

-Целта на оваа Охридска вечер ни е дружење и обновивање на контактите кои ги имавме малку запоставено во последните две години заради ковид пандемијата и започнување на нова стратегија и активности за сезоната 2022 и понатаму, изјави преседателот на ХОТАМ Крсте Блажевски.