Да се внимава при горење отпад во земјоделството, апелира денеска Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) од Кавадарци, откако синоќа избувнал голем пожар кај росоманското село Рибарци.
Според ТППЕ, со палење лозови прачки, несовесни лица предизвикале пожар.
-Вообичаено се предизвикуваат пожари од невнимание, кога секоја година во овој период воТиквешко се горат лозовите прачки и прачките од прасковите дрвца кои остануваат по резидбата на лозјата и праските. Апелираме до сите лозаропроизводители и овоштари да внимаваат кога ги горат лозовите и прасковите прачки, за да не предизвикаат пожар и да не ја загрозуваат безбедноста и природната околина. Доколку и се решат да ги горат прачките за да не им сметаат, да бидат присутни се додека не се изгасне огнот. Во спротивно, огнот може да земе сила откако тие ќе си одат и да предизвика несогледливи последици. Тогаш би се соочиле со законски казни за невнимание и несовесно однесување и предизвикување на општа опасност, нагласуваат од противпожарната единица и додаваат дека секоја пролет се регистрираат вакви пожари, понекогаш и по неколку на ден и поради тоа е неопходно големо внимание и превентивно делување од страна на лозарите и овоштарите.