Во моментов нема подготовки за одржување референдум за присоединување на самопрогласената Луганска Народна Република (ЛНР) кон Русија, изјави денеска лидерот на ЛНР, Леонид Пасечник.

Тој посочи дека негово лично мислење е дека е можен ваков референдум, пренесе Тасс.

-Дадов таква изјава. Би сакал да биде јасно: тоа е мое лично мислење. Во моментов ништо не се презема за да се организира таков референдум, изјави тој за новинарите.

Пасечник посочи дека сега клучна цел е прекин на борбите.

Претходно денеска тој изјави дека референдум за влез на оваа украинска територија во Русија може да се одржи на територијата на самопрогласената Луганска Народна Република.

-Мислам дека во блиска иднина на територијата на републиката ќе се одржи референдум на кој народот ќе го искористи своето апсолутно уставно право и ќе го каже своето мислење за приклучување кон Руската Федерација, рече Пасечник на средбата со странските новинари.