Соработката и поддршката од министерствата за култура на Македонија и Албанија потврдуваат дека само заедно, учејќи за нашите различности низ културно признавање и препознавање, можеме да се избориме за заеднички проекти и конкретни активности, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на завршниот промотивен настан посветен на меѓународниот проект Смарт-кул-тур Smart-Cul-Tour во Битола.
Според Костадиновска Стојчевска, реализираниот проект меѓу Општина Битола и Општина Пустец постави нови стандарди за тоа како треба да се користат грантовите од ЕУ.
-Зафатите во рамки на проектот преземени во археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис како и оние во старото училиште во селото Глобочани каде сега се наоѓа Музејот на Стерјо Спасе, еден од најдобрите албански писатели во втората половина на 20. век, инаку македонец по потекло, поставија нови стандарди за тоа како треба да се користат програмите и грантовите на ЕУ. Реализацијата на проектот претставува одлична можност за валоризација на вистинските вредности, насочувајќи не да го негуваме она што е значајно и корисно за градот и заедницата. Добрите односи меѓу Македонија и Албанија, интезивирањето на различните облици на регионална соработка и идентичноста на стратегиските цели, придонесоа климата на доверба полека но сигурно да се воспостави во регионот. Соработката и поддршката од Министерствата за култура на двете земји потврдуваат дека само заедно, учејќи за нашите различности низ културно признавање и препознавање можеме да се избориме за заеднички проекти и конкретни активности. Посакувам во иднина, рече Костадиновска Стојчевска, сите заедно вложувајќи го сопствениот научен и креативен потенцијал да придонесеме во истражувањето, зачувувањето и презентирањето на нашите единствени и непроценливи културни вредности и потенцијали.
Проектот Смарт-култур е финансисран од ЕУ преку програмата ИПА за погранична соработка со Република Албанија, и кофинансиран од Министерството за локална самоуправа. Вкупната вредност на проектот е околу 750.000 евра, од нив над 100.000 евра се грант од Министерството за локална самоуправа, потсети министерот за локална самоуправа Горан Милевски.
-Со овој проект ги заштитуваме и осовременуваме културните споменици во градот, посебно локалитетот Хераклеја кој е оспособен за посета на лица со посебни потреби, реновиран е пристапниот пат и има нова мапа. Благодарение на успешноста на проектот, Делегацијата на ЕУ одобри втора фаза со која ќе се реновира Пациото во Музејот и ќе се реновира зграда до Офицерски дом која е руинирана за што е потпишан договор со градоначалникот Коњановски. Се надевам дека успешната соработка со новото општинско раководство ќе продолжи и се надевам дека Општина Битола ќе аплицира со добри проекти за да може Министерството за локална самоуправа да помогне за нивна реализација.
Јавна благодарност за реализацијата на проектот и продлабочување на соработката најавија и потврдија градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски и Пали Колефски, градоначалник на Општина Пустец.