Вински музеј Кавадарци ќе добие мурал на тема „Лозаровинарство", информираше денеска во изјава за МИА, директорката Весела Честоева.

Проектот за реализација на мурал на фасадата од објектот во градскиот парк, е финансиран од Министерството за култура, согласно програмата за финансирање на проекти од национален интерес во културата, за 2022 година.

-Проектот има за цел да стимулира ново творештво во визуелните уметности, организирање на уметничко дело во јавен простор којшто ќе ја поттикне иновативноста и креативноста и ќе создаде ново творештво во визуелната уметност.Темата на ова уметничко дело ќе биде поврзана со тема од лозарството и винарството, со што ќе придонесе за поголемо препознавање на овој објект и ќе потикне заштита и афирмација на културниот идентитет на заедниците во нашата држава, соопшти Честоева.

Се очекува овој проект да го афирмира уметничкото творештво, неговиот развој и да ја збогати уметничката култура , како и да поттикне вистински вредности во културата.

-Сметаме дека со оваа уметност во јавен простор ќе дадеме една нова димензија во остварување на нашите цели, децидна беше Честоева.

Муралот ќе се вградува во наредните два месеца.

Директорката се осврна и на неколкуте други проекти на музејот, финансирани од локалната самоуправа. Одбележување на Меѓународниот ден на музеите -18 Мај, со организирање на изложба со тематика од лозарството и винарството. Во јуни е предвиден гурмански викенд со домашни специјалитети и пијалоци од тиквешкото поднебје. За август е планирана научна дебата за лозаровинарство, а во септември едукативна работилница за деца на таа тема. Во октомври ќе има промоција на семејни винарии, а во ноември, вински базар со музички хепенинг. Декември е месец за фестивалот на младо вино.

Честоева додаде дека во музејот и музејскиот двор, редовно се одржуваат и промоции на книги, џез концерт, работилници, музички хепенинзи и други настани, во соработка со локални институции , невладини организации и други сродни институции.