Во рамки на проектот „МладиХаб – градење вештини за вработување, компетенции и можности за мрежување на младите” денеска во Штип ќе се отвори првата регионална МладиХаб канцеларија.
Канцеларијата ќе биде во просториите на Центарот за култура „Ацо Шопов” и ќе служи како простор за работа, вмрежување и организирање активности, а бесплатно ќе им стои на располагање на младите во регионот.
МладиХаб ќе биде и место каде младите ќе можат да се информираат за тековни проекти, мерки и активности наменети за помош и поддршка за млади.
-Уште од самиот почеток на проектот, целиме да го прошириме опфатот на нашите активности кон што повеќе региони со цел да вклучиме млади од цела територија на државата, велат од Националниот младински совет на Македонија
Првата МладиХаб канцеларија во Скопје е во функција повеќе од две години и секојдневно се користи од страна на младите како простор за организирање состаноци, средби, работилници и настани. Дополнително, Националниот младински совет и организациите-членки го користат хабот за да организираат настани и активности за вмрежување наменети за млади лица.