Во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани со почеток од 12 часот ќе се одржи промоција на романот за деца „Мечето мери ум“ во издание на „Просветно дело“–Скопје.

Романот е пишуван во духот на романите во кои се бара во светот да завладеат разумот, срцето и вистината. Значи во приказната треба да се сообразиме со амбиентот од делата на просветителите, од делата чии содржини почиваат на авантуристичките и бунтовни природи на главните ликови. Содржината на романот е интимна исповед на мечето Мери Ум.

Родено во еден од кафезите за животни во циркусот „Ветрило“, кога ќе му се укаже прилика, за себе ќе каже дека е мече што знае да чита и пишува. Се разликува од другите мечки по умот и по тоа што го разбира јазикот на луѓето, како и на растенијата, животните, инсектите и птиците.Таквата обдареност му помага во решавањето на проблемите што му се исправаат на животниот пат.