Ученици од десет средни училишта во државава учеа за медиумска писменост преку друштвената игра „Спинокио“ во издание на Види Вака. Се работи за игра во која играчите се во улога на уредници на новински агенции. Идејата е да станат најрелевантна агенција во медиумскиот простор, каде ќе објавуваат што повеќе професионални вести, а ќе отфрлат дезинформации.

Главната задача на „Спинокио“ е да се препознаат дезинформациите и да се направи разлика помеѓу точните и неточните информации. Во „Спинокио“ можете да ја одберете улогата на новинар, уредник, фоторепортер, инфлуенсер и проверувач на факти. Тие во медиумскиот свет треба да се изборат и да ги лоцираат сите дезинформации.

Низ едукативен пристап преку обука и игра, учениците имаа можност да ги запомнат работите кои се поврзано со медиумска писменост и дезинформации.

Мите Кузевски, основач на Види Вака, вели дека друштвената игра „Спинокио“ има за цел да го покрие делот во кој формалното образование потфрла.

– Играта „Спинокио“ треба да го покрие делот каде што формалното образование потфрла и преку играта учениците не само што добиваат одредено знаење, туку добиваат знаење на одреден забавен и интересен начин што на нив им е далеку поблизок од класично формално образование, истакна Мите Кузевски, основач на Види Вака.

Со „Спинокио“, Види Вака ја продолжува борбата против дезинформации, каде младите генерации на креативен начин полесно почнуваат да разликуваат професионални вести наспроти дезинформации.