Од кабинетот на градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев за МИА информираат дека секоја среда во просториите на Општината се организира отворен ден, достапен за сите граѓани од градот и селата.

Од таму појаснуваат дека граѓаните бараат средба со градоначалникот и бараат помош и поддршка од него за нивни лични проблеми како здравствени, за вработување и слично. Како и за комуналните проблеми, поправка и бетонирање на улици и други градежни зафати во населбите каде живеат, како и проблеми од водоводната и канализациската мрежа и други.

Непосредната комуникација со граѓаните кои ја дадоа довербата на градоначалникот Колев е пракса ќе продолжи и оваа среда, а средбите се закажуваат кај секретарката на градоначалникот со точно определен термин од 13 до 16 часот кога е приемот на странки.

– Секој со својата приказна, секој со својот проблем, зашто секој од нас е еднакво важен, потенцираат од Општина Велес.

Воедно појаснуваат дека средба со градоначалникот и поддршка од него бараат и успешни ученици, спортисти, уметници, разни здруженија на граѓани и друго.

На многу од нив градоначалникот веќе им ја дал и својата морална и финансиска поддршка од страна на Општина Велес, а не некои веќе им најавил финансиска поддршка за нивните идни активности, додаваат од кабинетот на Колев. Поддршката е во согласност со можностите на Буџетот на Општина Велес, предвиден за оваа ставка.