Националната установа Завод и Музеј-Битола очекува годинава античкиот локалитет Хераклеја Линкестис да го посетат над 25 000 туристи од државата и од странство.
Според директорката Мери Стојанова, проценките се базирани на покажниот интерес на туроператорите кои за разлика од лани, годинава се раздвижени низ регионот.
-Посетителите се враќаат на Хераклеја. Пандемијата како главна пречка за посети во минатите години се намалува и оптимисти сме дека ќе ја достигнеме просечната посетеност од 20 000 до 30 000 посетители во една календарска година. Хераклеја Линкестис е обезбедена со повеќејазичен аудиоводич, а пристапот до ова дигитално решение е многу едноставен, со скенирање на кодот поставен на информативнитивните табли во локалитетот, со мобилен телефон. Алатката овозможува информации за 12 точки на локалитетот на седум јазици – македонски, англиски, албански, германски, француски, италијански и полски јазик, истакна Стојанова.
Античкиот локалитет Хераклеја Линкестис е достапен и за лица со попречености на кои на располагање им се лифт и пристапни патеки за непречен разглед и присуство на културни настани и манифестации.