Општина Струмица и годинава објави јавен повик за субвенционирање за купување нов велосипед и за таа намена од касата се издвоени 800 илјади денари.
Средствата што Општина Струмица ќе ги субвенционира се во износ од 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 4 илјади денари по лице.
– Со цел да ги стимулираме жителите на градот и населените места за користење на велосипеди и оваа година на граѓаните кои ќе купат нов велосипед во Република Северна Македонија од денеска, па се до исцрпувањето на буџетот наменет за јавниот повик во износ од 800.000 денари или не подоцна од 29 април 2022 година, Општина Струмица ќе им надомести дел од трошоците направени при купување на велосипед, објави градоначалникот Костадин Костадинов.
Тој ги повика граѓаните да купат велосипед, а Општината ќе го исполни ветувањето за завршување на велосипидска инфраструктура во должина од 11 километри во рамки на проектот „Струмица-паметен вело град“.
Право на учество на повикот имаат жителите на Општина Струмица, кои ќе купат нов велосипед во Република Северна Македонија и ги исполнуваат условите од повикот и да немаат искористено субвенција, односно тие што добиле порано немаат право на учество.
На огласот не можат да се пријавуваат вработените со нивните потесни семејства во Општина Струмица и трите јавни претпријатија чиј основач е локалната самоуправа.