Промоција на десет тома со 12 реобјавени книги од творештвото за возрасни на писателката Оливера Николова ќе се одржи вечер со почеток во 19 часот, во фоајето на Националната опера и балет.
Книгите се во издание на „Арс Ламина“. На промоцијата, како што е најавено, ќе присуствува и писателката Николова. Книгите објавени под импринтот „Арс Либрис“, се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“. Тие се во ново руво и со нови поговори од значајни македонски професори, книжевници и писатели.
На настанот ќе говорат авторите на новите поговори кон делата на Николова: Катица Ќулавкова („Вежби за Ибн Пајко“), Јелена Лужина („Збогум Вано, Ванке…“), Никола Гелевски („Белиот чад“), Елизабета Баковска (поговор за „Куклите на Росица“), Гоце Смилевски („Пешаци по црни полиња“), Румена Бужаровска („Куќичка“), Владимир Мартиновски („Тромбот“), Калина Малеска („Адамовото ребро“), Владимир Јанковски („Лева комора“). Видеообраќање ќе имаат: Кица Колбе (поговор кон „Тесна врата“) и Давор Стојановски („Песот со тажен поглед“). Модератор на настанот ќе биде уредничката на едицијата, Оливера Ќорвезироска, која го напиша и поговорот за „Кадифената покривка“.