Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров ќе ја посети Индија, земја што досега не ја осуди руската инвазија врз Украина.

Посетата ќе трае два дена и ќе почне утре, според соопштението на Њу Делхи.

Индија се воздржува од резолуциите на Обединетите нации, со кои се осудува Русија. Земјата продолжува да купува руски гас, како и друга стока и покрај притисокот од Вашингтон. Минатата недела претседателот на САД, Џо Бајден ја опиша Индија како „малку колеблива“, кога е во прашање Русија.

Индија и Русија ги одржуваат блиските врски со децении. Њу Делхи ја нарече Москва свој „долгогодишен и искусен пријател“. Повеќето од основната воена опрема, земјата ја доставува од Русија.

Лавров треба да пристигне во Индија од Кина, која, исто така, одбива да ја осуди руската инвазија и има одредено ниво на дипломатско покритие за сè поизолираната Русија.

Односите меѓу Индија со Кина се одамна заладени, но, тие нагло се влошија, откако во 2020 година, 20 индиски и четворица кинески војници, загинаа во престрелка на спорната граница на Хималаите. Но и покрај тоа кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји ја посети Индија минатата недела.

Индиското Министерство за надворешни работи не даде повеќе детали околу тоа, со кого ќе се сретне Лавров за време на патувањето, кое, пак, се совпадна со посетите на шефицата на британската дипломатија Лиз Трас, како и на заменик-советникот за национална безбедност на САД, Далип Синг.