Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска оствари средба со директорот на Канцеларија на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОБСЕ/ОДИХР), Матео Мекачи.

– Џафери истакна дека Македонија високо ја цени улогата на ОБСЕ/ОДИХР, како клучна платформа за заштита на демократските стандарди во регионот на ОБСЕ, а од особено значење е набљудувањето на изборните процеси во земјава, почнувајќи од парламентарните избори во 1998 година. Тој потсети дека Собранието на Република Македонија уште од 1993 година активно учествува во работата на Парламентарното собрание на ОБСЕ и информираше дека собраниски делегации учествуваа во мисиите на ова Парламентарно собрание за набљудување на парламентарните избори во Бугарија минатата година, а ќе ги набљудуваат и претстојните избори во Србија и во Унгарија, соопштија од кабинетот на претседателот на Собранието.

За време на средбата, Џафери се осврна и на соработката со ОБСЕ за зајакнување на парламентарната независност, надзорната функција и демократската улога, како и промовирањето на родовата еднаквост. Тој укажа дека во тек е изготвување на предлог измени на Деловникот на Собранието од родов аспект и Етички кодекс за пратениците, за што се добиени правни мислења од ОДИХР.

Тој оцени дека ОБСЕ може да понуди ресурси и механизми за ублажување на тензиите и обновување на каналите на комуникација за мирно и дипломатско завршување на војната во Украина.

– Мекачи, истакна дека како поранешен пратеник и член на Парламентарното собрание на ОБСЕ, со задоволство остварува средби со парламентарците и се залага за унапредување на соработката меѓу ОДИХР и националните парламенти. Тој изрази задоволство од одличната соработка меѓу ОДИХР и ПС на ОБСЕ, особено во доменот на набљудувањето на изборите, се вели во соопштението.

Тој се осврна и на правните мислења подготвени од ОДИХР за Предлог-Етичкиот кодекс за пратениците во Собранието на Република Македонија и за родовата еднаквост и понуди идна соработка во врска со измените на Изборниот законик. Нагласи дека ОДИХР во рамките на својот мандат, може да ги разгледува предлозите на закони за да ја процени нивната усогласеност со меѓународните стандарди за човекови права и да даде конкретни препораки за подобрување.

Претседателот Џафери оцени дека изборниот модел не треба да се менува без постигнат консензус и укажа дека голем дел од препораките на ОДИХР се веќе имплементирани во претходните измени на Изборниот законик.

На крајот од средбата, Џафери и Мекачи изразија подготвеност за продолжување на отворениот дијалог и плодната соработка, особено во контекст на нашето претседавање со ОБСЕ во 2023 година.