Администрацијата на Џо Бајден неделава се очекува да објави дека ја укинува вонредната здравствена одредба за забрана на имиграцијата на копнените граници на САД, објавија американските медиуми повикувајќи се на неименувани извори.

Одредбата е воведена на почетокот на пандемјата за време на поранешниот претседател Доналд Трамп.

Промената се очекува да стапи во сила во мај и ќе овозможи имигрантите кои влегуваат во земјата да бараат азил без да бидат вратени под итна постапка поради загриженост од инфекции поврзани со Ковид-19 пандемијата.

Официјални лица сметаат дека укинувањето на одредбата, позната и како „тајтл 42", може да го зголеми приливот на имигранти од Јужна и Централна Америка кај југозападната граница на САД.

Бројот на имигранти запрени од властите на границата во изминатите месеци бие рекорди.

Во фискална 2021 година на границата биле задржани 1.7 милиони имигранти. Повеќе од половина од таа бројка или 900.000 биле задржани од октомври лани досега, велат од Одделот за домашна безбедност.

Оттаму се подготвуваат со опрема и доволен број службени лица да задржуваат по 18.000 лица дневно. Моментално на јужната граница пограничните служби задржуваат по 7.000 имигранти без документација дневно.

Администрацијата на Бајден го бранеше правилото како начин да се спречи ширењето на пандемијата, но во изминатиот период беше под засилен притисок од прогресивните демократи тоа правило да биде укинато што побрзо.