Општина Куманово и Регионалната занаетчиска комора Куманово потпишаа договор за субвенционирање на старите занаети, соопштија денеска и од општината и од комората. Со договорот Куманово ќе ги субвенционира грнчарите, крзнарите, ковачите, шапкари, саатчиите, кондурџиите, со цел да се спречи изумирањето на старите занаети, да се стимулира претприемништвото и да се негува локалната традиција.
-Ова е прв пример од ваков тип во државата каде општината ќе ги субвенционира старите занаети со готови средства. Занаетчиите имаат потреба од подобрување на условите за работа во занаетчиството, обезбедување пазар, подобрување на квалитетот на производство, но и повторно враќање на старите занаети, особено на оние кои со себе носат културни и етно белези. Субвенционирањето на стари занаети ќе се врши согласно програмата на Секторот на меѓународна соработка и евроинтеграции, стратешко планирање, креирање политики, следење и ЛЕР. Голема чест и значење за мене има писмото за благодарност кое го добив од претседателот на ЗКРСМ Агрон Фазлији, во името на сите занаетчии од државата, рече градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски.
Од комората се заблагодарија за поддршката. Претседателот на ЗКРСМ и на регионалната комора на Куманово, Агрон Фазлији информираше дека општината ќе ја субвенционира оваа група занаетчии со по 15.000 денари.
– Занаетчиите ќе бидат субвенционирани со финансиски средства во готовина, за првпат во Куманово и во земјава ќе се дадат средства во готовина. Мора да му се помогне на занаетчиството кое ни ја чува традицијата, културата, и ќе настојувам да им излеземе во пресрет на занаетчиите. Почнуваме од Куманово и ќе дадеме пример низ целата држава. Ги повикувам сите градоначалници да ги поддржат старите занаетчии со финансиски средства, изјави Фазлији.
Тој кажа дека постојано ќе ги потсетува локалните власти на договорите што пред локалните избори ги потпишаа со комората за поддршка на занаетчиите. Заинтересираните ќе треба да се пријават на оглас за субвенции. Од комората се задоволни што Куманово ќе ги ослободи од фирмарина.
– Секоја помош ни е битна и занаетчиите ќе бидат ослободени од фирмарина и комуналните давачки. Ќе имаат послободни раце за да работат, да не мислат на давачките кон општината, државата, а бенефитот ќе биде заеднички, затоа што ќе опстојат на пазарот и ќе бидат поконкурентни, ако се помагаат, изјави Фазлији.
Тој смета дека на овој начин ќе се поттикнат и младите да го наследат занаетот на нивните предци. Од комората ќе инсистираат во секоја општина да има сувенирница.
– Од Министерството за култура бараме да ги заштитиме со закон, за да бидат трајно субвенционирани. Да гледаат младите бенефит во тоа, за да почнат да го работат, рече Фазлији.