Општина Кочани организираше јавна трибина за загадувањето што го предизвикува фабриката за хартија „Пејпр мил“, на која присуствуваа граѓани, членови на граѓански здруженија и претставници од локалната самоуправа и од Државниот инспекторат за животна средина.

На трибината што помина во напната атмосфера, граѓаните упатија барање за институционално решавање на проблемот со загаденоста на воздухот, водата и почвата, но и критики кон надлежните државни и општински служби за тригодишното нарушување на животната средина и непочитувањето на одредбите од А-интегрираната еколошка дозвола што ја добила фабриката.

– Иако е обврзана, „Пејпр мил“ нема сопствена мерна станица за испуштањето честички во воздухот, а службите во Општината и КЈП „Водовод“ дале согласност каналот за отпадни води од фабриката да се третира како комунална канализација со што се овозможило добивање на дозволата за работа. Фабриката сама избира акредитирана лабораторија за да врши мерења на испуштањето штетни честички во воздухот, при што за нив во дозволата наместо лимит од 50, стои 150 микрограми на кубен метар, за што се спомена некаква техничка или писмена грешка, но тоа никој не го корегира – истакна Љупчо Стојилков, еко-активист.

Тој потенцира дека од претставниците на Инспекторатот слушнале дека тие не го проверуваат составот и квалитетот на пелетите што се согоруваат како енергенс, туку ги земаат само податоците од декларацијата на производителот.

– Очигледно има многу пропусти и грешки, што мора да се решат во интерес на здравјето на граѓаните – рече тој.

Граѓаните изразија сомневање дека поради коруптивно однесување, поднесената тужба против загадувањето од „Пејпр мил“ е заглавена во обвинителско-судските лавиринти. Иако досега се изготвени повеќе записници за загадувањето, фабриката не се соочила со посериозна казна, освен привремено запирање на производниот процес, а мерната опрема со која располагал Државниот инспекторат пред неколку години била однесена во друга институција.

– Во однос на правната регулатива и опремата со која располагаат надлежните органи, тие се со врзани раце и тешко можат да ни помогнат, но ние не застануваме овде и ќе продолжиме институционално да го решаваме проблемот. Поради несоодветното реагирање на нашите институции, принудени сме со собирање потписи од граѓаните и петиција да реагираме и до меѓународните дипломатски и други претставништва во државата – истакна Александар Симеонов, модератор на јавната трибина.

Граѓанскиот инцијативен одбор, кој досега организираше повеќе протести против аерозагадувањето, ќе поднесе писмено барање до Министерството за животна средина за преиспитување на А-интегрираната дозвола што ја поседува „Пејпр мил“.