Со одржување на панел дискусија која беше посветена на враќање на разнишаната доверба на граѓаните во судството, денеска во Основниот суд во Гевгелија беше одбележан Денот на македонското правоудство.

Покрај вработените во Основниот суд Гевгелија на панел дискусијата со тематски обраќања учествуваа претседателот на Здружението на судиите, д-р Џемаил Саити, претседателката на Основниот суд Гевгелија.Марица Аврамчева, претседателката на гевгелиската подружница на судиското здружение, Билјана Делова Николова и членот на судско медиумскиот совет Гордана Дувњак.

–Личниот интегритет, етичноста, чесноста како и транспарентноста и отчесноста во работењето на судиите мора да бидат главни индикатори за враќање на довербата во правосудството. Мораме широко да ги отвориме вратите на удовите и да ги тргнеме завесите од судските прозорци како поттик за стекнување на поголема доверба од граѓаните, истакна во воведното излагање Марица Аврамчева, претседателката на Основниот суд од Гевгелија.

Фактот дека само осум проценти од граѓаните имаат доверба во правосудните органи,за претседателот на Здружението на судиите, Џемаил Саити, покажува дека реформите не ги дале очекуваните резултати во судството.

Потребно е да се мобилизираат сите повикани чинители во правосудството во остварување на независноста,ефикасноста и материјалниот статус на судиите при градење на независен, ефикасен и транспарентен систем кој ќе овозможи правда и ќе ја врати довербата во судството.

За членот на судско медиумскиот совет, Гордана Дувњак, потребна е поголема доверба меѓу медиумите и судиите како еден од начините за враќање на загубената доверба на граѓаните во правосудниот систем.

Меѓу панелистите на настанот во Гевгелија, попладнево свое обраќање на тема за дигитализацијата во судството имаше и Лазар Нанев, претседател на Основниот суд во Кавадарци.