Централен регистар на Република Северна Македонија-ЦРРСМ упатува демант на изјавата од страна на в.д директорот на ЈП Водовод и канализација – Скопје, Златко Перински, на седницата на Советот на Град Скопје.
Во изјавата на в.д директорот на ЈП Водовод и канализација – Скопје, Златко Перински се наведува дека ЈП Водовод и Канализација-Скопје наидува на препреки од централната власт поточно од Централен регистар на Република Северна Македонија-ЦРРСМ при упис на Одлуката на Советот на Град Скопје за измена на Статутот на претпријатието во делот на производство и дистрибуција на електрична енергија.
Централен регистар ја информира јавноста дека ЈП Водовод и Канализација-Скопје поднесе пријава за упис на дополнителна шифра на дејност Производство на електрична енергија, а не и за дистрибуција на електрична енергија од страна на ЈП Водовод и канализација – Скопје. Во нивното образложение стои дека претпријатието издвојува големи средства за електрична енергија при што електричната енергија ќе ја произведува за сопствени потреби за сопствените објекти преку искористување на потенцијалите на објектите кои ги има на целата територија на Град Скопје за производство на електрична енергија преку фотоволтаични централи каде претпријатието би заштедило електрична енергија.
Прашањата по однос на дејностите кои ги вршат јавните претпријатија се уредени во Законот за јавните претпријатија и Законот за комунални дејности.
Имено, согласно член 1 став 1 од Законот за Јавните претпријатија, “Јавните претпријатија можат да се основаат заради вршење на дејности од јавен интерес”. Во член 2 ст.1 и 2 од истиот закон е предвидено дека “Дејности од јавен интерес се дејностите или одделни работи од дејностите со кои се остварува јавен интерес”. Условите и начинот за вршење на дејностите и начинот на остварување на јавниот интерес се уредуваат со закон.
Понатаму, согласно член 2 од Законот за комунални дејности ”Комуналните дејности се дејности од јавен интерес”. Во член 4 став 1 т.1 и 4 од истиот закон “Комунална дејност е стопанска дејност за давање на комунални услуги за задоволување на потребите на физички и правни лица за која единиците на локалната самоуправа обезбедуваат услови за соодветен обем, квалитет, достапност, континуитет и надзор над нејзиното вршење”. Во член 5 од овој закон законодавецот таксативно ги навел комунални дејности кои ги вршат јавните претпријатија.
Комунални дејности, во смисла на овој закон, се:
1) изградба на водоснабдителен систем, обработка и снабдување со вода за пиење, под што се подразбира зафаќање, обработка и дистрибуција на вода преку водоснабдителниот систем до главниот водомер на корисникот на услугата;
2) изградба на водоснабдителен систем, обработка и испорака на технолошка вода, под што се подразбира зафаќање, обработка и дистрибуција на вода преку водоснабдителниот систем до главниот водомер на корисникот на услугата;
3) изградба на канализационен систем, одведување и пречистување на отпадни води, под што се подразбира прифаќање на отпадни води од станбените, деловните, производните, административните и други објекти, агломератот од приклучокот на дворната мрежа преку канализациони системи, пречистување во пречистителни станици и испуштање на отпадните води во реципиентот;
4) изградба на канализациона мрежа, одведување и испуштање на атмосферски води, под што се подразбира прифаќање на атмосферските води од урбани површини, одведување со канализациона мрежа и испуштање во реципиент;
5) јавен општински превоз, под што се подразбира превоз на патници во патниот сообраќај на подрачјето на општината;
6) изградба, одржување, реконструкција и заштита на локалните патишта, улици и други инфраструктурни објекти;
7) собирање и транспортирање на комунален отпад и други видови на неопасен и инертен отпад, под што се подразбира собирање, селектирање, транспортирање и депонирање на уредени депонии;
8) одржување на јавна чистота, под што се подразбира чистење (миење и метење) на јавни површини, јавни и отворени простори на јавни објекти и чистење на снегот во зимски услови;
9) одржување, чистење и користење на паркови, зоолошки градини, зеленило, парк шуми и рекреативни површини, под што се подразбира изградба, одржување и користење на зелени површини, садење на ниска и висока вегетација, косење на трева, како и сечење на дрва и гранки;
10) одржување на сообраќајна сигнализација на улици и општински патишта, под што се подразбира нејзино редовно и инвестиционо одржување;
11) поставување и одржување на јавно осветлување, под што се подразбира изградба и одржување на јавното осветлување;
12) одржување на гробишта, крематориуми и давање на погребални услуги, под што се подразбира определување, изградба и одржување на гробиштата, гробните места, гробниците, придружните објекти и инфраструктурата во гробиштата и давање погребални услуги, како што се преземање, чување, опремување и превоз на умрените до местото за погреб и погреб или кремирање;
13) отворени и затворени пазари на големо и мало, под што се подразбира изградба, одржување на објектите и просторот на истите;
14) оџачарски работи, под што се подразбира чистење на оџаци и опрема за одведување на чад;
15) отстранување и чување на хаварисани возила, уловување на животни скитници, украсување на населените места, одржување на јавните санитарни јазли, изградба и одржување на септички јами, чување на животни и домашни миленици во населени места;
16) испорака на гас од главниот цевковод до мерниот инструмент на корисникот;
17) изградба и користење на јавниот простор за паркирање и на објектите кои се наоѓаат на тој простор;
18) изградба, одржување и чистење на речните корита во урбанизираните простори и
19) испорака на топлотна енергија од централниот извор на греење до мерниот инструмент на корисникот.
Имајќи ги во предвид горе цитираните одредби од Законот за јавните претпријатија и Законот за комуналните дејности Централен регистар на Република Северна Македонија-ЦРРСМ смета дека дополнителната шифра на дејност 35.11 Производство на електрична енергија од Националната класификација на дејности не е комунална дејност како дејност од јавен интерес за давање на комунални услуги за задоволување на потребите на физички и правни лица за кои јавните претпријатија се основаат.
Притоа, законодавецот во член 4-а став 2 од Законот за јавните претпријатија предвидел и што во случај кога во јавното претпријатие не се врши основната дејност на јавното претпријатие односно не се вршат стопански дејности кои со закон се утврдени како дејности од јавен интерес и утврдил, цитираме:
Основачот, носи одлука за издвојување на дел од јавното претпријатие и во случаите кога во делот што се издвојува не се врши основната дејност на јавното претпријатие, односно не се вршат стопански дејности кои со закон се утврдени како дејности од јавен интерес. Издвоениот дел се организира како друштво со ограничена одговорност, односно акционерско друштво и ќе се приватизира со соодветна примена на одредбите од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал.
Од наведеното, јасно произлегува дека Централен регистар во целост постапил согласно Закон без било какви влијанија при одлучувањето, како што изјавува в.д директорот на ЈП Водовод и канализација – Скопје, Златко Перински.