По повод Светиот месец Рамазан честитки со желби за лесен и благословен пост до верниците упатија првите луѓе на општините Дебар, на Центар Жупа и на Маврово и Ростуше.
– Почитувани граѓани на општина Дебар, по повод почетокот на големиот месец Рамазан сакам да ги изразам моите најсрдечни честитки, посакувајќи ви лесен пост, хармонија, душевен мир и благосостојба во вашите семејства. Посакувам во овој свет месец, разбирањето, зближувањето и солидарноста меѓу луѓето да преовладува меѓу сите нас, стои во честитката на градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука.
Затоа, додава, со почит и задоволство, од името на општина Дебар и од мое лично име, на сите дебрани, каде и да се, ви го честитам овој месец на пост.
-Во месецот Рамазан започна објавувањето на Куранот, кој е патоказ за луѓето, јасен доказ за вистинскиот пат и разликување на доброто од злото. На сите муслимани им го честитам почетокот на месецот Рамазан и посакувам да го поминете во добро здравје и благосостојба. Го молам нашиот господар Аллах џеллешануху да ги прифати постот, молитвите и добрите дела на сите муслимани, посакува Медат Куртовски, повереник за надлежностите на градоначалник на општина Маврово и Ростуше.
Во свое и во име на Советот и администрацијата на општина Центар Жупа, на граѓаните во општината и во дијаспората, Светиот месец Рамазан го честиташе Аријан Ибраим, повереник за надлежностите на градоначалник на оваа општина.
-Нека овие денови кај секој човек се потврдат вредностите на слогата, толеранцијата и духовниот напредок и сите заедно да имаме спокоен и среќен живот. Честитки до жителите на општината, иселениците и муслиманите во целиот свет со желби тој да мине во слога, хармонија, разбирање заедништво и меѓусебна почит. Мирот и милоста Божја нека бидат над нас, во овој благословен месец Рамазан, во кој се практикува постот, молитвата, споделувањето на храната и убавиот збор, посакува Ибраим во честитката.
Во пресрет на рамазанскиот пост порака упатија и од муфтиството во која меѓу другото стои дека месецот Рамазан е месец на многу благослови, на „нашето духовно и физичко прочистување, на облагородување на нашата душа, на нашето тело, на нашето размислување, на зајакнување на нашите меѓусебни врски, негување, почит и продлабочување на љубовта еден кон друг“.
Од таму информираа дека сите над 50 џамии се подготвени за верските обреди, со препорака до верниците да ги почитуваат мерките за заштита од Ковид-19.
Дебарското муфтиство освен општина Дебар ги опфаќа и општина Центар Жупа и подрачјето на Река, општина Маврово и Ростуше.