Во организација на матичната библиотека ,,Кочо Рацин” во Пехчево се одржа промоција на првата книга со детски афоризми ,,Палави афоризмичиња” од македонскиот афористичар Миле Ѓоргијоски.

Промоцијата, како што истакна директорката Габриела Костадинова, се одржа како дел од одбележувањето на 2 Април- Светски ден на детската литература.

-Бидејки се работи за дело кое обработува детски афоризми, на промоцијата на делото на Ѓорѓијоски поканивме помлада публика, поточно три групи ученици со нивните наставнички. Имавме интересен настан на кој тие се запознаа со необична содржина од нашиот одличен автор, рече Костадинова.

Авторот на делото е задоволен што дечињата изразиле интерес за интерактивно учество во промоцијата на „Палави афоризмичиња”.

-Одлучивме наместо јас, тие да ја прават промоцијата, тие читаа афоризми од делото, тие ги анализираат афоризмите или што би се рекло јас сум денес гостин на сопствената промоција, рече Ѓорѓијоски.

Претходно книгата ,,Палави афоризмичиња” беше промовирана во Македонска Каменица.