Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, по повод одбележувањето на 2 април, Меѓународниот ден на децата со аутизам, денеска беше во посета на Центарот за поддршка на образованието на ученици со попреченост во Струмица, кој е отворен пред 15 години на денешен ден и порано функционираше како посебна паралелка за образование на ученици со аутизам.

Министерката потенцираше дека во надлежност на ресорното Министерство е и предучилишното образование и затоа интензивно работат на инклузија на децата со попреченост во предучилишно образование. Ги јакнат капацитетите на наставниот кадар во градинките за да можат многу подобро да работат на инклузијата на децата со попреченост и со тоа се овозможува овие деца да станат еден ден активни чинители во општеството, а не да бидат ставени на страната на маргините.

– Како МТСП, во чија што надлежност е социјалната заштита, со реформите од 2019 година навистина овозможуваме нови права и социјални услуги за лицата со попреченост, нов начин на испорачување на социјални услуги коишто заедно со локалните самоуправи, со граѓанските организации ги правиме да бидат достапни за сите лице со попреченост на територија на цела држава, подвлече Тренчевска.

Kоординаторот за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост при Владата, Спасе Додевски, рече дека по формирањето на Центарот во Струмица во изминатите 15 години напредувало образованието на децета со аутизам.

– Денеска оваа институција е Центар за поддршка во образованието на учениците коишто се во инклузивно образование на ниво на општина Струмица и тука во моментот настава посетуваат оние ученици коишто беа по стариот систем и посетуваат настава по специјализираната наставна програма. Понатаму, нашиот Центар за поддршка ќе се однесува на децата коишто имаат комплекс на чување, а се вклучени и тешко се вклучуваат во редовната наставна програма во образованието во општина Струмица и ќе посетуваат тука настава по модифицирана програма која што е во тек на изготвување на ниво на МОН и на Бирото за развој на образованието, изјави Додевски.

Одговарајќи на новинарско прашање околу отворање Центри за рана дијагностика на аутизам, министерката Тренчевска рече дека се работи на отворање на нови.

– Заврши идејниот проект за реформа на Заводот за деца и младинци во Скопје во Топаанско Поле и некаде во почетокот на 2023 година ќе започне и комплетното реновирање на овој центар, кадешто се предвидува отворање на еден современ центар за рана дијагностика на лицата со попреченост, отворање на дневни центри и отворање на Центар за професионална рехабилитација, којшто е неопходен за лицата со кој било вид на попреченост за да може од најмала возраст да се интервенира, да се постави дијагнозата за да може да се работи успешно и натаму на инклузија на овие деца во општеството, одговори Тренчевска.

Таа информираше дека со процесот на преселба на лицата во станбени единици, кои досега беа сместени во социјалните установи за згрижување, од Заводите во Демир Капија и Бања Банско е преполовен бројот на овие лица од 400 на 200 и до крајот на 2024 година се планира да нема сместено ниту едно лице во овие гломазни институции.

Во рамки на одбележувањето на Денот на аутизам министерката Тренчевска ќе посети и други установи во овој регион.