Иако се олабавени мерките, учениците не носат маски, без нив се седи во отворените простори на угостителските објекти, сепак останува одговорноста и свесноста кај возрасните да го заштитат своето и здравјето на блиските, вели клиничкиот психолог од прилепската болница, Јован Велески.
Велески разбира дека имаме олабавеност во однесувањето, особено поради потребата за нормализирање на животот, но тој предупреди дека мора да се прифати реалноста дека вирусот постои, а одговорноста во однесувањето е попотребна од кога и да е.
– Возрасните секогаш треба да бидат поодговорни и да ја преземат одговорноста и за децата и за целото општество. Пандемијава не потсети дека живееме во 21 век кој е многу поспецифичен од она што го знаеме во поглед на адаптацијата и во она што го знаеме за квалитетот на животот. Вирусот и понатаму ќе постои, што значи секој човек треба да има индивидуална одговорност, да си ги постави своите граници, како ќе се однесува, како ќе се заштити и како ќе ги заштити семејството и околината. Се разбира, хедонизмот, забавите, концертите, треба да течат најнормално, како и школските и спортските активности, но за сето треба да имаме одредени граници и мерки за да може понатаму да се справиме со какви било инфекции и загрозување на личниот живот, вели психологот Велески.
Не може целосно да се вратиме во времето пред пандемијата, зашто сега се налагаат нова здравствена култура и нов квалитет на социјалните односи.
-Освен здравствената култура, луѓето треба да се адаптираат на некои нови социјални модели во однос на тоа како ќе се комуницира професионално, лично, со своите пријатели и блиски, за да може да се направи една дистанца, за да нема ризик од какво било заболување. Особено не од инфективни заболувања. Во тој дел се и интернет културата и дигиталната писменост, бидејќи многу често доаѓа до лажни или до непроверени информации, се стекнуваат погрешно мислење и заклучоци и луѓето не може правилно да се ориентираат кога е во прашање сопствената адаптабилност. Тоа е исто како да прифатите некои работи за кои првпат сте слушнале, а да си помислите дека сте експерт. Тоа не е воопшто паметно, токму во овој период, објаснува Велески.
Внимателноста и одговорноста треба да бидат дел од созревањето на човештвото низ искуството, зашто вирусот се покажа попаметен и побрз отколку нашата способност за адаптирање.
-За нашево современо општество, психолошкиот фактор се базира на донесување правилни заклучоци, на одредување лични, сопствени мерки кои се занимаваат со нашиот имунитет, со нашата телесна сигурност, со нашата социјална комуникација, начинот на кој ќе го градиме животот и квалитетот на живеењето и во секој тој склоп треба да биде вметнато и однесувањето кое треба да нѐ заштити. Се покажа дека вирусот е попаметен од целото човештво, зашто многу побрзо се адаптираше отколку човековата способност да се справи со едно заболување. Низ историјата имало многу вакви вируси, но сегашното време бара нов предизвик и нов начин на адаптација, анализира клиничкиот психолог Јован Велески, додавајќи дека ова ново време не толерира неодговорно однесување.