На локалитетот „Кај дабот“ во близина на селото Бели кај Кочани, денеска се одржа јубилејната десетта Вечер на македонскиот афоризам, чиј организатор е Здружението афористичка репрезентација на Македонија.
Трета година по ред собирот на најдобрите афористичари од државата беше на отворен простор поради пандемиските услови, а следејќи го духот на сатирата наместо во вечерен термин, се одржа точно напладне.
Со најновите и актуелни афоризми, на манифестацијата се претставија десетина домашни афористичари, а имаше и гости од соседна Србија, кои годинава учествуваа на конкурсот на тема „Македонија, македонизмот…“ и добија парични награди.
– Жири-комисијата имаше навистина тешка задача да ги одбере најдобрите афоризми од 22 автори, колку што се пријавија на конкурсот. Сепак, одлучи првата награда да му ја додели на Јане Атанасов од Кочани, втората на Марјан Анѓеловски од Скопје, а третонаграден е Ацо Ѓорѓиев од Струмица. Заради квалитетот на нејзините творби, но и за стимулирање на творештвото на младите автори, со едногласна одлука Сања Велкакова од Струмица доби диплома за најмлад афористичар. Исто така, на Ружа Стојмилова, Ристо Филчевски, Драганчо Тасевски – Изворски и Миладин Угреновиќ им се доделени пофалници за посебниот квалитет на нивните афоризми со кои учествуваа на конкурсот, истакна Димитар Илиев – Вилазорски, претседател на жири-комисијата.
На манифестацијата настапи и етно музичка група со изворни песни од кочанскиот крај.
Вечерта на македонскиот афоризам се одржува со финансиска и материјална поддршка од Министерството за култура и од Општина Кочани.