Книгата „Пат покрај патот“ на Славе Ѓорѓо Димоски беше промовирана вечерва во Охрид. Покрај ова дело на Димовски, пред охридската читателска публика беа претставени и неговите две претходни дела „Извештаи на Рисот“ и „Јазик и леб“.
„Пат покрај светот“ е книга есеи, кои според авторот, се рефлексија на различни страни од светот каде што патувал.
– Има и постари есеи, повеќето се цртички со анегдотски приказ за повеќе наши ситуации од сферата на културата и личности. Ангажирана поезија, која всушност во последниве половина век можеби ретко се пишува, но економско политичките ситуации во нашата земја и пошироко доведоа до таа страна дека мораме да се вратиме назад на оваа поезија која има еден тек заедно со политичко економските настани во една земја, еден систем, едно општество, рече Димоски.
Промотор на делата на Димоски беше професорот Димитар Пандев, кој ја опиша книгата како патописна, иако во неа се вклучени и есеи, критики, па дури и интервјуа
– Од таму првото прашање што ми се наметна при читањето е, кој од македонските писатели, а зошто не и светски најмногу патувал. И секако во таа силна конкуренција можеме да го сместиме и Славе Ѓорго Димоски. Тоа е токму она што е клучното во моето излагање и основа за поопсежни есеи, да го поставиме Димоски како поет, писател, патешественик во таа смисла дури и како мисионер, бидејќи дел од неговите патувања се поврзани токму со онаа мисија што ја имал во Струшките вечери на поезијата како претседател на Управниот одбор, а тука отвораме и повеќе теми од типот на интеркултурната комуникација, рече Пандев.
„Извештаи на Рисот“ и „Јазик и леб“ се книги издадени пред неколку години, промоции имаа во други градови, но поради пандемијата не беа претставени пред охридската публика