Под мотото „И јас и ти – сите сме пешаци! Безбедноста на прво место!“ денеска во Струга беше прмовирана кампањата на Министерството за внатрешни работи, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност од Скопје.
Кампањата за подобрување на безбедноста на пешаците, како што информира претседателката на РСБСП, Гордана Кожуваровска, ќе се реализира во наредните неколку месеци, во повеќе градови низ државата.
– Во кампањата се става акцент на причините, поради кои пешаците страдаат во сообраќајни незгоди, се потсетува на сообраќајните правила и прописи, кои се однесуваат на пешаците, а постојано се даваат и препораки за однесување и на пешаците и на возачите затоа што безбедноста на пешаците и на возачите е заедничка грижа и треба заедно да придонесеме за поголема безбедност во сообраќајот, рече Кожуваровска.
Според помошникот на министер за односи со јавност во МВР, Тони Ангеловски, ваквите активности помагаат во подигање нивото на сообраќајна култура, а на тој начин се намалува бројот на жртви во сообраќајот.
– Им благодарам на граѓаните, кои се приклучија во овие активности и со своето однесување во сообраќајот даваат придонес за поголема безбедност. Сите заеднички мора да го подигаме нивото на сообраќајната култура. Како резултат на активностите што ги спроведуваме изминатите години евидентен е трендот на опаѓање на бројот на жртви во сообраќајот, кој секоја година се намалува, истакна Ангеловски.
Минатата година, додаде, има 116 жртви и тоа е година со најмал број жртви во сообраќајот во последните 15 години.
– Податоците од првото тримесечие во 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи. Во првите три месеци од 2022 година има 18 жртви, што е за 10 помалку споредено со истиот период лани, кога имало 28. Само во март 2022 година имаме четири жртви, а во истиот месец во 2021 имало 16, што е бројка дури четири пати поголема од март 2022, посочи Ангеловски.
Покрај превентивните акции, подвлече, Министерството за внатрешни работи, продолжува со засилените акциски контроли за санкционирање на оние учесници во сообраќајот што не ги почитуваат правилата.
– Во текот на вчерашниот ден санкционирани се 83 возачи кои не пропуштиле пешаци на пешачки премин. Во првите три месеци од 2022 година санкционирани се 2298 возачи кои не дале првенство на минување на пешак, а санкционирани се и 2784 пешаци кои не ги почитувале сообраќајните правила, изјави Ангеловски.