Книгата „Ние, робовите од Суринам“ од Антон Де Ком, класик на холандската литература, ја објави издавачката куќа „Макавеј“. Преводот од холандски е на Ели Пујовска и е поткрепен од Холандската фондација за литература.
„Ние робовите од Суринам“ е книжевно ремек-дело, лична и општа историографија, како и жестоко обвинение кон расизмот и експлоатацијата, соопштија од издавачката куќа.
Антон де Ком бил активен претставник на деколонизацијата на „Западот“ или холандските Кариби – Суринам и (поранешните) Холандски Антили. Тој бил инспириран од жестокото обвинение на Алберт Хелман против „рамнодушниот колонијализам“ на Холандија, како што тој се изразил во епилогот на својата книга Југ – Југозапад (1926).
„Ние робовите од Суринам“ претставува радикално пренапишување на историјата на Суринам, за првпат целосно преточена од перспектива на црнечко селанче. Неверојатна е неговата храброст, дух и упорност во остварување на ова дело, бидејќи тој морал од сосема поинаква перспектива да го прегледа речиси секое поглавје од холандската колонијална историја. Се разбира, тој ја засновал својата книга на претходната историографија на Суринам, но Де Ком ги менува улогите: водачите на бунтовните робови не се безимени бандити, туку херои и примери чии имиња можат гордо да се споменат. Тој е жесток критичар на вековната експлоатација на Африканците кои биле принудени на безнадежна егзистенција, тортури и измачувања во фабриките за шеќер и на плантажите. Тој потоа, исто така, истакнува дека по укинувањето на ропството, азиските работници кои биле намамени од Кина, Индија и Индонезија станале жртви на системот со одвај подобра позиција од онаа на робовите, информираат од издавачката куќа.
Книгата може да се најде во интернет-книжарницата kupikniga.mk , како и во книжарниците на „Или-или“, „Антолог“ и „Полица“ во центарот на Скопје.